Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими, г. Лук Симпкинс, пратеник во Долниот дом на Федералното собрание на Австралија.
На средбата, двајцата соговорници изразија задоволство од континуиранот и позитивен развој на билатералните односи, како и подготвеност за натамошна успешна соработка и размена на посети на сите нивоа.
Македонскиот претседател ја поздрави меѓу парламентарната соработка и изрази задоволство од интензивните средби и контакти меѓу двете земји.
Претседателот Иванов оцени дека бројната македонска заедница која живее во Австралија е голема предност за развивањето и продлабочувањето на односите меѓу двете земји и изрази надеж дека наскоро ќе биде отворена и амбасада на Комонвелтот на Австралија во Република Македонија.
Во насока на зацврстување на односите меѓу двете земји, од особено значење би била одлуката на Австралија да пристапи кон употреба на уставното име на Република Македонија во билатералната комуникација, посочи на средбата македонскиот претседател.
Во разговорите беше истакната потребата и интересот за унапредување на економската соработка, јакнење на трговската размена и иницирање и натамошно зголемување на австралиските инвестиции во Република Македонија. Во таа насока, претседателот Иванов ја нагласи потребата за натамошно унапредување и на правната рамка меѓу двете земји.