Куманово со пораз оди во втора фаза, Кожув надвор од топ шест

По одиграното последно коло од првата фаза во БИБЛ, Ѓуро Ѓаковиќ го совлада Куманово во Славонски Брод со 84-77, но кумановци се тие кои се радуваат на крајот, откако поради подобра кош-разлика во меѓусебниот дуел, обезбедија место во втората фаза. Во другата група, Теодо го победи ОКК Београд на гости со минимални 75-74, со кои Кожув остана само на четвртото место на табелата, односно надвор од Топ шест.

Постојано изедначен и генерално неизвесен беше натпреварот во Хрватска, каде екипата на Љубислав Луковиќ успеваше во текот на сите 40 минути да ја одржува контролата врз резултатот, односно врз оние плус 16 кои ги обезбеди во меѓусебниот дуел на домашен терен. Првото полувреме мина во знакот на Александар Костоски, кој постигна 21 поен само во тие 20 минути, реализирајќи пет тројки без промашување. Прецизни во ударите за три поени беа и кошаркарите на Ѓуро Ѓаковиќ, кои до паузата заедно постигнаа дури 10 тројки, па на одмор се замина со 48-45 за домашниот тим.

Поцврсто во одбраната играа и двете екипи во продолжението од натпреварот, Ивица Димчевски беше меѓу позабележителните поединци кај Куманово во второто полувреме и заедно со Урош Луковиќ и Ентони Ли Инграм под кошевите, не дозволија домаќинот посериозно да се одлепи. Највисоката предност Ѓуро Ѓаковиќ ја оствари на стартот на последната четвртина кога поведе со 13 поени разлика, но тогаш следуваше серијата на Димчевски кој постигна 11 поени по ред за својот тим и Куманово намали на „безбедни“ минус 5. Рутински, избраниците на Љубислав Луковиќ го приведоа натпреварот кон крај, Ѓуро Ѓаковиќ победи со 84-77, но Куманово се радуваше на пласман во Топ шест.

Александар Костоски го заврши мечот како најефикасен поединец со 30 поени, 5 скокови, 5 асистенции и 3 украдени топки. Димчевски додаде 19 поени, Луковиќ оствари дабл-дабл од 10 поени и 11 скокови, а со 5 поени и 7 скокови заврши Инграм. Кај домаќинот, најефикасни беа Брнас и Пуљко кои искомбинираа 45 поени.

Со ова, Куманово ја завршува првата фаза со четири победи и четири порази на третото место на табелата. Во следната Топ шест фаза, кумановци ќе пренесат големи четири бода поради победите против останатите две екипи кои се пласираа понатаму, Галил и Левски.

Во другата група, Кожув немаше среќа чекајќи ја разврската. ОКК Београд имаше шут за победа против Теодо кој го промаши, со што гевгеличани останаа без посакуваниот Топ шест, иако ја завршија групната фаза со одлични 4-4. По таа победа на Теодо од 75-74, Кожув остана на четвртата позиција на табелата, иако со ист број на бодови како и третопласираната Кавала, но со послаб резултат во меѓусебниот дуел.

извор: МКФ