Казината, автомат клубовите и обложувалниците да воведат надзорен информативен систем

Со измените и дополнувањата на Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на РМ“, бр.74/12), приредувачите на посебни игри на среќа: казина (за автоматите), автомат клубови и обложувалници, имаат обврска од 1 јануари 2013 година да обезбедат Надзорен информациски систем (НИС) кој ќе биде поврзан со Управата за јавни приходи. 

Оваа обврска поблиску е опишана во Правилникот за начинот на работа и користење, просторните, техничко-технолошките и другите карактеристики на надзорниот информациски систем, обемот и начинот на неговото следење и начинот на неговото поврзување и размена на податоците со информацискиот систем на УЈП („Службен весник на РМ“, бр.157/12).

Станува збор за ИТ решение кое централно ги регистрира уплатите и исплатите од игрите на среќа во сите деловни единици на приредувачот и кое е он-лине поврзано со информацискиот систем на УЈП.

Преку НИС, кој треба да биде во функција и достапен за следење 24 / 7, Управата за јавни приходи во секое време треба да располага со точни и вистинити податоци за остварениот промет (уплати и исплати) од игрите на среќа во сите деловни единици кај приредувачот.

Воведувањето на НИС ќе овозможи реално оданочување на добивките кај казината (за автоматите), автомат клубовите и обложувалниците преку воведувањето на посебна давачка од 20% на разликата на вкупно примените уплати и вкупно исплатените добивки од игрите на среќа, наместо досегашните месечни паушали и надоместоци во фиксен износ кои ги плаќаа овие приредувачи.

Управата за јавни приходи до сите приредувачи во месец Декември 2012 година достави Протокол за размена на податоци и Упатство за поврзување и размена на податоци, со детално објаснување за потребната документација за поврзување, начинот на поврзување и обликот и формата на датотеките кои ќе бидат предмет на размена. 

Бидејќи законските и подзаконските акти се стапени во сила, приредувачите на посебните игри на среќа кои не обезбедиле поврзување на НИС-от со информацискиот систем на Управата за јавни приходи, истото треба да го сторат веднаш и до УЈП да достават: Корисничко упатство на софтверот/ите во НИС и Техничка документација на НИС во писмена форма до Управата за јавни приходи.

После потпишувањето на Протоколот од страна на приредувачот и доставувањето на Техничката документација за НИС-от, УЈП ќе му додели посебни IP-адреси за пристап на секој приредувач.

За придувачот на посебни игри на среќа кој нема обезбедено НИС, законот предвидува високи казни и тоа: глоби во износ од 5000 евра за правното лице и 2000 евра за одговорно лице на правното лице и забрана за вршење на дејност од 30 работни дена во деловната просторија каде ќе се констатира неправилност, а на одговорното лице во правното лице покрај глобата ќе му се изрече и забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од една до три години.