Запленет цел контејнер со фалсификат детски колички

Мобилните царински тимови спречија обид за влез на фалсификувана стока на територијата на Република Македонија, при што привремено задржаа 288 детски колички на батерии, со лого на заштитени трговски марки.

На 01.02.2013 година, на царинската испостава Тетово, за увозно царинење се пријавил македонски камион, натоварен со контејнер полн со колички на батерии со потекло од Кина, наменети за фирма увозник од Тетово.

При извршена детална контрола на контејнерот, царинските службеници констатирале дека истиот бил натоварен со 288 колички, од кои 144 колички со лого и модел на AUDI и 144 колички со лого и модел на BMW.

По извршена фотодокументација и службено контактирање со овластените застапници на заштитените трговски марки, од кои била добиена потврда дека со горенаведената стока се повредени нивните права од интелектуална сопственост, сомнителната стока е привремено задржана.

Вредноста на количките се проценува на околу 2,2 милиони денари, доколку истите би се продавале како оригинали.

Согласно Законот за заштита на правата од интелектуална сопственост, Царинската управа ќе започне постапка за утврдување на оригиналноста на стоката.

Покрај тоа, Царинската управа информира и за други царински прекршоци, откриени минатата недела и изминатиот викенд. Задржани се девизи, козметика, кафе во зрно, текстилни производи и мобилни телефони, а спречени се и два обиди за нелегален влез на вкупно седум лица на територијата на државата.