Локалните избори ќе бидат фер, слободни и демократски

Владата и сите други државни институции и органи и претходно посакуваа сите политички партии да учествуваат во престојните локални избори. Во таа насока Владата гарантира дека изборите што ќе се одржат на 24.март ќе бидат организирани согласно сите меѓународни стандарди, односно ќе обезбедуваат услови тие да бидат фер, слободни и демократски.

Ова денеска уште еднаш на прес – конференција го повтори портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, изразувајќи жалење и разочарување што некои политички партии, подвлече, одлучија да не учествуаат на локалните избори.

Локалните избори ќе се одржат на 24 март согласно Уставот и законите и сите уставни и законски норми кои ја уредуваат оваа материја се веќе донесени, нагласи тој, и тие не можат да бидат изменети. Сите оние субјекти кои до полноќ аплицирале со свои кандидатури, ја искористиле таа можност и право, што на некој начин е и обврска.

„Инсистиравме да има инклузија на сите политички партии во рамките на овој изборен процес. Околу моментот на нивното влијание на евроатлантските интеграции во наредниот период ќе се очекуваат коментарите од Европската Комисија и ЕУ, кои впрочем и беа дадени досега и сметаме дека граѓаните поседуваат чувство за да можат да проценуваат, да судат и да одлучуваат чија ќе биде одговорноста доколку тоа има сериозни импликации на нашите евроатлантски интеграции“, истакна Ѓорѓиев.

Тој потенцира дека сепак, Владата ќе продолжи со интензивни реформи, со спроведување на Акцискиот план за пристапниот дијалог на високо ниво и достигнување на реформите.

По барање на новинарите да ја коментира поднесената кандидатура за градначалник од Стевчо Јакимоски, владиниот портпарол истакна дека како Влада е некоректно да се коментираат поединечни одлуки за искористување  на демократското право за учество во избори. Тој посочи дека тоа пред се е работа на политичките партии, поединци и субјекти.