Маскиран разбојник ограбил бензиска во Дебар, но бегајќи ги изгубил парите

Кривично дело разбојништво  извршено е утрово во 01 часот и 40 минути во бензиската пумпа „Макпетрол“ во Дебар. 

Едно засега непознато лице, маскирано и вооружено со автоматска пушка, насилно велегло во бензиската станица, и на вработената, заканувајќи и се со оружјето и кажал дека има само една минута да му ги даде парите од прометот. Одкако таа се спротивставила и одговорила  дека нема пари, маскираниот ја одтурнал и кон рафтовите во бензиската станица  испукал еден куршум. Потоа, од работното биро одзел еден дел од парите во фиоката. 

Во обид да избега, парите му испаднале од левиот џеб  пред внатрешната страна на излезната врата на бензиската пумпа. Одкако избегал, тој забележал дека нема пари по што повторно се вратил во безиската станица. Неговиот повторен обид да влезе го спречила вработената која успеала да ја заклучи вратата. 

При извршениот увид, констатирано е дека, засега непознатиот сторител на разбојништвото успеал од работното биро да одземе околу 12.000,oo денари кои при бегство од бензиската пумпа му испаднале пред вратата од внатрешната страна. 

 Полициската станица од Дебар, презема интензивни мерки за пронаоѓање на сторителот на разбојништвото и расветлување на казненото дело.