ВМРО-ДПМНЕ: Јованка Точкова никогаш не била член на СДСМ

Во врска со соопштението од ОО на СДСМ Охрид, во кое се вели дека СДСМ ја исклучува од партијата д-р Јованка Точко, со реакција излезе ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, дека истата никогаш не била член на СДСМ.

„Патетика и очај од претстојниот пораз владее во СДСМ во Охрид. Нас не не интересира нивниот внатрешен хаос и би ги повикале да не злоупотребуваат имиња во нивната ниска кампања и да престанат со дрскиот и неприкладен речник на навреди кои го употребуваат, иако тоа од нив го очекуваме и понатаму.

ВМРО-ДПМНЕ има најквалитетна советничка листа досега понудена во историјата на Охрид. На неа има успешни докажани луѓе, има доктори по медицина, доктори на науки, магистри, асистенти на факултети, професори на факултети и во средни училишта, бизнисмени, сопственици на образовни центри и сето тоа освежено и со млади квалитетни кадри од сите делови на градот и од околните населени места. Носителот на листата Јованка Точкова никогаш не била член на СДСМ, секогаш била на страната на ВМРО-ДПМНЕ и тоа во СДСМ многу добро го знаат.

Ако беа толку храбри ги повикуваме да им објаснат на своите членови и симпатизери, зошто не кандидираа свои кандидати за градоначалник и советничка листа во Охрид.  Ако мислеа дека имаат некаква шанска во Охрид веројатно ќе го направеа истиот потег како и кандидатот во Општина Карпош Стефче Јакимоски. Но, и Александар Петрески и Бранко Црвенкоски многу добро знаеа дека во Охрид СДСМ ќе доживее катастрофален пораз  и за градоначалник и за советничка листа како  казна за нивното 8-годишно уништување на Охрид.

Во Охрид промените доаѓаат, Охрид ќе има градоначалник и совет управувани од ВМРО-ДПМНЕ и тоа на најдобар начин,  без никакви штети, без реваншизми кон никого, со респект кон администрацијата и со дела за напредок на Охрид“. – стои во реакцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.