ВМРО-НП: Кандидатската листа на ДПМНЕ е составена со 80% поранешни членови на СДСМ

По повод објавувањето на кандидатската листа за советници на ВМРО-ДПМНЕ, со соопштение излезе ВМРО-НП во кое се вели:

„Откако ДПМНЕ одлучи сама да оди на избори без грам демократија и ја објави кандидатската листа за советници во Советот на Општина Охрид, не можеме да стоиме од страна и да бидеме неми на сите случувања. Не можеме да премолчиме на уништувањето на четирите свети букви ВМРО.

Имено, со објавувањето на кандидатската листа за советници, ДПМНЕ само го потврди она што ние години наназад го говориме. Се потврди дека во ДПМНЕ денес всушност е поранешниот трет ешалон на СДСМ. Денес, кандидатската листа на ДПМНЕ е составена со осумдесет проценти поранешни членови на СДСМ. Тие кои не успеаа да се пробијат низ партиските органи на СДСМ, денес раководат со владеачката партија.

Сосема го разбираме револтот во ДПМНЕ кај оние стари членови, кои учествуваа во градењето на партијата. Жално е што токму тие се исфрлени на маргините на партијата. Тешко е кога некој сосема друг раководи со нешто што си го создавал години. Но уште потешко е кога те исфрлаат да бидеш само гледач од страна на сето тоа.

Упатуваме апел и ги повикуваме сите вистински вмровци, на било која страна да се,  да ни се приклучат. Сите заедно мораме да го вратиме вистинското ВМРО, мораме да ја вратиме идеологијата како во старите добри времиња. Сетете се колку само демократија имаше во она ВМРО кое функционираше пред 2003 година. Мора еднаш засекогаш да престане за се злоупотребува името ВМРО за ситни интереси на поединци. Овој режим кој ја окупира ВМРО–ДПМНЕ мора да си оди. За ВМРО мора да дојдат подобри денови“. – стои во соопштението од ВМРО-НП по повод кандидатската листа за советници на ВМРО-ДПМНЕ.