МОН и АМС задоволни од успехот на учениците од Академијата за спорт

Првата генерација ученици во Академијата за спорт на крајот од првото полугодие покажале солидни резултати по сите наставни предмети и имале подобар просечен успех од учениците кои посетуваат редовна настава во спортската гимназија „Методија Митевски-Брицо“.

Академијата за спорт почна да работи во септември и таму средно образование стекнуваат ученици талентирани за спорт. Тие учат во спортската гимназија „Брицо“, но за разлика од врсниците во редовните паралелки имаат и настава за спортовите за кои професионално се усовршуваат. Во првата генерација се запишани 103 ученици-спортисти, од кои 30 за фудбал, 25 за кошарка, 41 за ракомет (25 ученици и 16 ученички) и осум за тенис.

„Радува фактот што учениците спортисти го завршија првото полугодие со просечна оценка 3,92, додека кај редовните паралелки просечната оценка изнесува 2,63. Само седум ученици имаат една или две слаби оценки, а кај останатите ученици во „Методија Митевски-Брицо“ 87 од вкупно 131 ученик имаат повеќе слаби оценки… Бројот на изостаноци по ученик изнесува само четири оправдани или неоправдани отсуства од наставата“, рече министерот за образование и наука Панче Кралев на прес-конференција во Агенцијата за млади и спорт (АМС).

Покрај стручните предмети од соодветниот спорт, учениците кои се едуцираат да бидат професионални спортисти следат настава од општообразовни предмети – мајчин јазик, англиски, историја, информатика и основи на природните и општествените науки, што им овозможува полагање државна матура и запишување на факултет.

Кралев посочи дека крајна цел на проектот Спортска академија е да се создаде школа за индивидуални и групни спортови со стручен кадар и со најсовремена опрема, со што ќе се обезбеди континуирано откривање талентирани спортисти и грижа за нив од државата, постојано учество на меѓународни натпревари за спортисти на таа возраст, како и создавање обучени млади спортисти за националните репрезентации.

Директорот на АМС Лазар Поповски најави дека во март ќе почнат селекциите за нови кандидати кои ќе бидат запишани во прва година во Академијата за спорт во 2013/2014. Изборот на кандидатите го прават домашни и странски тренери, репрезентативци и претставници од националните федерации и од Факултетот за физичка култура. Поповски соопшти и дека се отвораат школи за индивидуални спортови. Во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е отворена за бадминтон, а наскоро ќе има и за спортска гимнастика.