Европската комисија го поддржува интегрирањето на Република Македонија во Унијата, но важно е да се даде динамика на реформскиот процес, му порача евроамбасадорот Аиво Орав на новиот вицепремиер за европски прашања Фатмир Бесими.
На денешната средба двајцата соговорници го потенцирале фактот дека декемвриските заклучоци на Советот се солидна можност за забрзување на реформите. Вицепремиерот Бесими нагласил дека фокусот на Владата ќе биде насочен кон приоритетните области во исполнување на обврските преземени во рамки на Пристапниот дијалог и извештајот за добрососедските односи.
Потенцирано е значењето во овој период да се покаже напредок кон започнувањето на преговорите со ЕУ и потребата сите релевантни фактори во државата да придонесат кон овој процес преку дијалог да се надминат сите предизвици.
Бесими и Орав се осврнале на активностите што ги презема македонската Влада во насока на спроведување на реформите и исполнување на критериумите за членство во Европската унија. Посебен акцент е ставен на обврските кои произлегуваат од Пристапниот дијалог на високо ниво, со цел да се задржи динамиката во реализацијата на предвидените мерки.
Вицепремиерот Бесими ја истакнал подготвеноста за натамошно продолжување на Дијалогот на високо ниво, како и сите други проекти што го поддржуваат евроинтегративниот процес на земјата. Новиот вицепремиер најавил посета на Брисел во наредните денови.