Денес на прес-конференција, портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев истакна дека Владата на Република Македонија започна со голема реформа на фитосанитарната област во делот на земјоделството.
Целта на реформата е да се подобри и заштити квалитетот на семенскиот материјал, пестицидите и ѓубривата кои се употребуваат, што ќе значи економски профит за земјоделците и заштита на здравјето на населението, односно ќе се оневозможи економска штета за земјоделците од неквалитетниот семенски материјал и ќе се влијае на оневозможување на наштетување на здравјето на луѓето.
Квалитетен семенски материјал значи поголем принос за земјоделците, подобар производ за корисниците.
Реформата е базирана на анализи, проценки и консултации со лица од секторот земјоделство, бизнисмени но и научни работници од оваа област, и реформата почнува со измени во повеќе закони и тоа Законот за здравје за растенија, Закон за производи за заштита на растенија, Закон за семенски и саден материјал, Закон за ѓубриња и Кривичен законик, чии цели се подигнување на јавната свест за оваа област, но и уредување на областа преку воведување и засилување на санкциите за прекршителите на законите и стимулации за оние кои постапуваат согласно законите.
Прво, со дополнителните измените во законите за семе, ѓубриња и производи за заштита на растенијата, секој трговец на мало или големо со овие земјоделски репроматеријали ќе биде обврзан јавно да го објави телефонскиот број на Државниот инспекторат за земјоделство. Целта на оваа мерка е да секој фармер знае каде може да пријави неправилност во прометот со земјоделските репроматеријали. Во оваа насока Владата веќе отпочна со кампања за покренување на јавната свест за оваа алатка која накратко ја нарекуваме „секој фармер контролор, секој фармер инспектор“.
Второ, за прв пат се воведуваат мониторинг програмите, кои преставуваат задолжителен број на контроли по секој од наведените четири закони кој погоре ги напоменав, преку земање на мостри од секој од производите и проверка на нивната исправност. Ова претставува зајакнување на досегашната редовна контрола на Државниот инспекторат за земјоделство, во прометот и производството на земјоделските репроматеријали и интензивирање и динамизирање на контролите.
Трето, како прв чекор во рамките на зајакнување на кадровскиот потенцијал од областа на фитосанитарната политика, Владата донесе одлука за вработување на нови инспектори во рамките на фитосанитарната инспекција која дејствува во склоп на Државниот инспекторат за земјоделство и засилување на бројот на инспекторите на граничните премини.
Дополнителна измена е исто така во рамките на зајакнување на контролниот систем во областа на фито политиката, е измената во законите од фито политиката каде сите лаборатории кои имаа интерес да работата во областа на проверка на квалитетните својства на земјоделските репроматеријали, ќе мора да бидат акредитирани најдоцна до 01.01.2015 година, и со тоа да ги исполнуваат сите светски стандарди а нивните контроли да бидат верифицирани и прифаќани на меѓународно ниво без никаква задршка.
Четврто, за двојно се зголемија глобите кои се предвидени со законите, а кои значат санкција за незаконско и непрописно однесување во оваа област, дезавуирање на законите и отстапувања од она што е декларирано со она што е суштина, а за десет пати се зголемија глобите за физичките лица, со цел да се сузбие недозволената трговија со земјоделските репроматеријали која се врши од страна на физичките лица .
• Имајќи го превид значајното влијание врз здравјето на луѓето, животните и генерално врз животната средина, посебно се стави акцент на Законот за производи за заштита на растенијата, популарно познат како Закон за пестициди каде за правните лица:
– Глобите за прекршоци од трет ранг се зголемија од 4.000 – 8.000 ЕУР на 6.000 – 12.000 ЕУР
– Глобите за прекршоци од втор ранг се зголемија од 2500-4000 ЕУР на 3500 – 5600 ЕУР
– Глобите за прекршоци од прв ранг се зголемија 1200 на 1700 ЕУР
• Во рамките на Законот за семенски и саден материјал се направи зголемување на глобата за физичи лица и тоа:
– Глобите за прекршоци од трет ранг се зголемија од 500 – 1000 на 3000 – 6000
– Глобите за прекршоци од втор ранг се зголемија од 300 – 500 ЕУР на 2000– 4000 ЕУР
– Глобите за прекршоци од прв ранг се зголемија 300 на 500 ЕУР
• Во рамките на законот за ѓубриња се направи зголемување на глобата за физички лица и тоа:
– Глобите за прекршоци од трет ранг се зголемија од 1500 – 2000 ЕУР на 4000 – 8000 ЕУР
– Глобите за прекршоци од втор ранг се зголемија од 900 – 1800 ЕУР на 2500 – 4000 ЕУР
– Глобите за прекршоци од прв ранг се зголемија 600 на 2500 ЕУР
• Во рамките на законот за здравје на растенијата се направи зголемување на глобата за физички лица и тоа:
– Глобите за прекршоци од трет ранг се зголемија од 1500 на 5000 ЕУР до 10.000 ЕУР
– Глобите за прекршоци од втор ранг се зголемија од 400 – 3000 ЕУР на 2500 – 4000 ЕУР
– Глобите за прекршоци од прв ранг се зголемија 300 на 1500 ЕУР
Петто, со цел подигнување на јавната свест за значајноста на оваа проблематика, и со цел превенирање на сторување на кривични дела од оваа област со кои се нанесува штетат на здравјето, безбедноста и имотот на граѓаните, се зголемија казните во Кривичниот законик. Предвиден е член „Неовластено производство, постапување и промет со опасни материи или штетни организми”, кој гласи:
„(1) Тој што спротивно на прописите произведува, преработува, ракува, користи, одржува, чува, пакува, препакува, употребува, превезува , увезува, извезува или отстранува отровни или други опасни материи или нивни отпадоци, или генетски модифицирани или штетни организми опасни за животот или здравјето на луѓето, или за животинскиот или растителниот свет, ќе се казни со затвор од една до пет години.
(2) Службено лице или одговорно лице во правно лице што ќе го овозможи извршувањето на делото од став (1) од овој член,ќе се казни со затвор од една до десет години.
(3) Ако со делото од ставовите (1) и (2) од овој член е предизвикана опасност за животот на луѓето или за имотот од поголем обем или уништување на животинскиот или растителниот свет во поголеми размери сторителот, ќе се казни со затвор од најмалку три години.
(4) Ако поради делата од ставовите (1) и (2) од овој член настапи смрт на едно или повеќе лица, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години.
(5) Ако делото од став (1) од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.“
Шестто, покрај овие мерки на санкција се воведуваат и мерки на стимулација што значи финансиска поддршка на лицата кои ги почитуваат законите и инвестираат во квалитет, а овие мерки се и во насока на намалување на трошоците за земјоделските репроматеријали, посебно во делот на семето и семенскиот материјал. Владата воведе две мерки во делот на политиката за финансиска поддршка во земјоделството за оваа 2013 година:
– Субвенција од 5 денари за произведен и продаден единица расад од современ репро центар за производство на расад и
– 50% покривање на трошоците за изградба на современи репро центри за производство
Владата смета дека преку поддршка на вакви современи репро центри кои ќе работат по современи стандарди за здраво земјоделско производство, во значајна мера ќе влијае на количеството и исправноста на земјоделското производство.
Реформата во фитосанитарната област ќе продолжи и во наредниот период за што соодветно ќе информираме.