Учество на Попоски на 22-та сесија на Советот за човекови права на Обединетите нации

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски во рамки на учеството на 22-та сесија на Советот за човекови права на Обединетите нации, која почнувајќи од денес ќе трае сè до 22 март оваа година во Женева, оствари средби со високи претставници на ОН и неколку билатерални средби.

На средбата со Високиот комесар за човекови права Нави Пилај, Министерот Попоски информираше за главните преземања на Република Македонија во доменот на човековите права. Изрази силна поддршка за активностите на ВКЧП Пилај, како и за нејзината улога во промоцијата на човековите права во системот на Обединети нации. МНР Попоски ја повтори цврста посветеност за исполнувањето на обврските кон разни конвенции на ОН во сферата на човековите права. Исто така, стана збор и за работата на специјалните процедури и македонската отвореност за соработка со нив, а во тој контекст се осврна и на кандидатурата на Република Македонија за членство во Советот за човекови права за периодот 2014-2016.

Шефот на македонската дипломатија имаше билатерален состанок со МНР на Швајцарската конфедерација Дидиер Буркхалтер. Двајцата министри разговараат за билатералната и проектна соработка за што беше изразена благодарност за континуираната поддршка коа доаѓа од Владата на Швајцарија. Министерот Попоски информираше за мерките и резултатите кои што презема Владата на Македонија во намалувањето и спречувањето на појавата на лажни азиланти. Македонскиот министер информираше и за напредокот на нашиот евро – интегративен процес.

Беше остварена и билатерална средба и со бразилскиот МНР Антонио Патриота. Двајцата министри заеднички се заложија за зголемување на економската и трговската размена. Исто така, стана збор за меѓусебните поддршки во мултилатералните организации. Бразилскиот МНР Патриота најава зголемено дипломатско присуство и многу скоро започнување на постапката за донесување одлука за либерализирање на визниот режим.

Министерот Попоски се сретна и со Министерот за надворешни работи на Мексико Курибрења со кој се разговараше за глобалните економски предизвици како и привлекување на странски инвестиции на земјите. Министрите се согласија дека олеснување на визниот режим ќе поттикне поголема комуникација помеѓу двете земји и се заложија за разгледување можности на реализација на истото. Од двете страни беше реафирмирана взаемната поддршка на кандидатури во системот на Обединети Нации и други меѓународни организации.