9 години од смртта на Борис Трајковски

Делегација од Владата на Република Македонија, по повод одбележување на деветгодишнината од смртта на Борис Трајковски, оддаде почит и положи венци на гробот на трагично загинатиот поранешен претседател на Република Македонија на градските гробишта во Бутел. Воедно, венец на гробот на поранешниот претседател положи и делегација од Армијата на Република Македонија.

Претседателот Борис Трајковски загина на денешен ден во 2004 година, во авионска несреќа во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Во несреќата покрај претседателот Трајковски загинаа и Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на Претседателот, Миле Крстевски од МНР, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето на претседателот како и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски. Претседателот Трајковски помеѓу останатото цврсто веруваше во придонесот кој секоја индивидуа може да го даде за развојот на Република Македонија, а тоа може да се увиди и преку неговата позната мисла: „Сите ние споделуваме една иста судбина наречена Македонија“.

Заменик-министерот за одбрана на Република Македонија, Емил Димитриев, пак, како дел од поширока делегација од државата, денес положи венец на спомен-обележјето во месноста Ротимље, во близина на Мостар, Босна и Херцеговина.