Владата со сет мерки за справување со поплавите

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев, денес на прес-конференција информираше дека Владата будно и активно ги следи состојбите во врска со обилните врнежи и поплавите и континуирано, тековно на дневна основа презема мерки и активности за средување на состојбите.

„Владините министри вчера беа испратени на терен, на лице место на најзагрозените подрачја со цел да ги увидат теренски состојбите и да ги осознаат потребите и да ги координираат тековните операции.

По враќањето од терен, на владина седница реферираа за обезбедување на потребите. Уште во текот на вчерашниот ден, со заеднички ангажман со општините и Црвениот Крст беа евакуирани и згрижени лицата чии домови се привремено нефункционални од поплавите. Истите се сместени во прифатни центри во општините (спортски сали, домови, интернати..) и за нив се обезбедени душеци, ќебиња, санитетски пакети и храна, согласно пријавените потреби од надлежните.

Владините министри денеска се повторно на терен, Пешевски во Струмичко, Јанкуловска во Кумановско, Јанакиески во Пробиштип, Ристовски во Штип и Свети Николе, а Коњановски во Радовишко, ќе ги надгледуваат и координираат тековните операции за поддршка и помош.

Во селата во Радовишко околу селото Злеово, кои се отсечени поради паднатиот мост, со помош на хеликоптери на Министерството за внатрешни работи веќе е испратена помош во чиста вода за пиење и се испратени лекови и медицински тим кој ќе престојува во регионот до неговото повторно поврзување со останатите региони. Исто така, градежна механизација пробива нов пат кој води од Злеово кон Покрајчево и се очекува во следните 48 часа тој да биде пробиен и обезбеден.

Владата донесе сет на мерки во функција на справување со врнежите и поплавите.

1. Се задолжи Координативното тело(КТ) за поплави на сите места каде што недостасува вода за пиење да обезбеди цистерни со вода за пиење или флаширана вода.

2. Врз основа на план и во соработка со Началникот на Генералштабот се активираше Армијата на Република Македонија за ангажман на терен со човечки ресурси и механизација. Министерството за одбрана и МВР ги ставија на располагање хеликоптерите, чамците и друга соодветна опрема за потребите за помош на населението на најкритичните места

3. Се укажа и препорача на сите општини и Градот Скопје да ја активираат и стават на располагање целата механизација на нивните јавни и комунални претпријатија, за интервенции во нивните општини и општините каде има потреба и барање за тоа, расчистување на акумулираните наноси под мостовите итн.

4. Се задолжува Дирекцијата за заштита и спасување, сите расположиви пумпи за исфрлање на вода да ги стават на располагање на граѓаните на сите критични места.

5. Се задолжува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да дејствува и подготви проекти за санирање на браната во Пишица, општина Пробиштип и браната во Слатино, општина Дебарца, а доколку согласно техничките укажувања не постои можност за санација, да подготви проекти за изградба на нови брани на двете локации.

6. Се задолжува Агенцијата за стокови резерви да подготви и до Владата да достави соодветна одлука за отстапување на храна и прехранбени продукти од стоковите резерви за населението од најзагрозените подрачја по претходно подготвена листа од Координативното тело за поплави и Дирекцијата за заштита и спасување.

Владата донесе и специјални мерки на дејствување на медицинските служби во овој период, и препораки до населението во насока на заштита на здравјето:

1. Граѓаните од загрозените региони со поплава, кои поради влијание на поплавата, отсеченост и слично не се во можност да пристапат до аптеки или медицински центри на бројот на Итната медицинска помош 194 да ги пријават своите потреби за помошта во лекови и медицински персонал им биде обезбедена, доставена и овозможена.

2. На населението од населените места кои се зафатени од поплави, а се снабдуваат со вода за пиење од бунари и локални извори, му се препорачува водата од тие објекти да не ја користат за пиење во период од денеска па се до отповикување на ова мерка.

3. Се задолжуваат Јавните претпријатија за водоснабдување од денеска да ги зголемат контролите на бактериолошка и хемиска исправност на водата за пиење со земање на мостри двапати дневно и тоа: од местото на влез во главниот водовод и најмалку од пет места на најниските точки на водокорисници. Истата активност треба да ја преземаат и центрите за јавно здравје во загрозените региони. За добиените резултати дневно да го известуваат Министерството за здравство.

4. Им се наредува на директорите на здравствените домови во чии рамки е организирана Итна медицинска помош да ја зголемат приправноста на екипите на Итната медицинска помош, а во ноќните часови да го удвојат составот на екипите во ноќна смена, со ангажирање на тимови од другите дејности на домот.

5.Министерството за здравство во делот болничката дејност ќе преземе соодветни мерки за преземање и згрижување на сите болни на кои што има потреба од болничко лекување“.

Владата ќе продолжи со следење и дејствување и со активен ангажман во текот на целиот период, истакна Ѓорѓиев.