Спречен шверц на фалсификувани охридски бисери

Царинските службеници од граничниот премин Табановце–автопат, спречија обид за нелегално внесување на 205 парчиња накит од охридски бисер, за кои се претпоставува дека се фалсификат.

Вчера околу 20:00 часот, за влез во Република Македонија на граничниот премин Табановце-автопат пристигнал автомобил со македонски регистарски таблички, сопственост на фирма од Охрид во кој патувале четворица македонски државјани. На прашање на царинскиот службеник дали имаат нешто за пријавување за царинска контрола, возачот на автомобилот, македонски државјанин со иницијали Б.Р., изјавил дека во автомобилот носи стаклена витрина и кукли за излог.

Царинскиот службеник одлучил да изврши детална контрола на возилото, при што во багажниот простор меѓу пријавената стока, пронајдена и торба во која е откриен накит од охридски бисери (114 ѓердани и 91 нараквица). На секое парче накит била прикачена хартиена етикета со цени кои се движат во просек околу 40 евра за нараквиците и 100 евра за ѓерданите.

Во текот на службениот разговор, лицето, инаку сопственик на продавници за накит од охридски бисер во повеќе елитни хотели во Охрид и Т.Ц. Рамстор во Скопје, изјавило дека наводно накитот претходно го изнел од државата за изложба во Белград, но притоа не го пријавил на царинските органи и дека сега го враќа назад. Подоцна, најверојатно откако увидел дека оваа приказна нема да помине, рекол дека накитот е обична бижутерија и затоа не го пријавил.

Во првична консултација со стручни лица, неофицијално е потврдено дека не станува збор за оригинален охридски бисер, но доколку истиот би се продавал како оригинал, цената би достигнала и до 10 илјади евра.

Накитот е одземен, а против прекршителот ќе биде поведена соодветна постапка.