Кривична за „Изнуда“ и закани кон полициски службеници

Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „Изнуда“ и „Спречување на службено лице во вршење на службено дејствие“ секторот за внатрешни работи Охрид, против лицето А.Д.(21) од Охрид поднесе кривична пријава. Истражен судија при основниот суд во Охрид, му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

На 28-ми минатиот месец околу 22 часот и 30 минути А.Д. насилно влегол во стан на негова пријателка на улицата „Карпош Војвода“ каде со раце и нозе ја искршил речиси целата покуќнина. Веднаш потоа физички ја нападнал нанесувајќи и повеќе удари и тупаници по целото тело по што од кујната одзел нож и со закани дека ќе ја убие заедно со нејзиното малолетно дете, и побарал 1000 денари. Набрзо во станот пристигнале полициските службеници кон кои А.Д. упатил бројни пцости и навреди, а потоа замавнувајќи со ножот, им се заканил дека ќе ги убие.

Пред да влезе во нејзиниот стан, сега притворениот оштетил неколку патнички моторни возила и велосипеди пред нејзината зграда. Тоа го направил откако во билјард клуб во трговскиот центар „Амам“, без посебна причина со нога искршил врати и дел од останатиот инвентар упатувајќи навреди кон вработената и гостите во клубот. 

Притворениот А.Д. е лице сторител на повеќе кривични дела и е казнено осудуван по неколку кривични пријави поднесени од СВР Охрид.