МЗТ Скопје 94-69 Задар

Актуелниот македонски шампион убедливо го совлада задар со 94-69, остварувајќи на 12 победа во дебитантската сезона во АБА лигата. Одличната игра во второто полувреме на избраниците на Алеш Пипан ја направи клучната разлика на мечот во Скопје.

МЗТ Скопје Аеродром добро го почна натпреварот и преку Гечевски, Чековски и Дамјан Стојановски, кои ги постигнаа сите поени во првата четвртина, македонскиот состав по десет минути игра имаше високи 12 поени позитива (26-14). Иако во тие моменти изгледаше дека МЗТ ја има контролата, Задар успеа сепак да фати приклучок до полувремето и дури и да изедначи со поените на Простран во последната секунда на 46-46.

Сепак, веднаш на самиот старт на второто полувреме МЗТ повторно заигра цврсто во одбрана и по тројката на Чековски и контра-нападот на Оташевиќ, се одлепи на 58-51. Третата четвртина изобилуваше со прекршоци и прекини, а кошаркарите на МЗТ знаеја како да го искористат тоа и со прецизни шутеви од линијата за слободни фрлања само ја зголемуваа предноста. Цели четири минути на крајот на третата и почетокот на четвртата четвртина Задар не успеа да реализира, а откако МЗТ направи нова двоцифрена позитива, до крајот само ја зголемуваше за конечни и убедливи 94-69.

Тодор Гечевски, Ѓорѓи Чековски и Дамјан Стојановски беа носители на победата, водејќи го својот тим во сите 40 минути. Гечевски заврши со 25 поени и 8 скокови, Чековски со 29 поени и 3 скокови, а Дамјан Стојановски додаде 14 поени, но и 4 асистенции, 4 украдени топки и 3 скокови.

Ова беше 12 победа за МЗТ Скопје Аеродром во сезоната, со што се изедначи по бројот на победи со седмопласираната на табелата Цедевита, која денеска го игра својот меч од 23 коло против Партизан. Во наредното коло, МЗТ гостува на Шолнок во Унгарија, а натпреварот ќе се игра наредната недела.