Митинг на СДСМ во Охрид

СДСМ и сојузот на иднината, синоќа на градскиот плоштад одржаа митинг на кој го промовираа актуелниот градоначалник Александар Петрески. На митингот беа присутни голем број симпатизери и поддржувачи на партијата.

Пред присутните, најпрво, свои излагања имаа пратеникот на СДСМ Митре Велјаноски и претседателот на ВМРО-НП Љубчо Георгиевски.

„Ова е Охрид, ова е градот победник, ова се охриѓани следбеници на делото на Свети Климент и Свети Наум. Замислете, охриѓани господинот Бакрачески се обраќа со зборовите добровечер охриѓани, се обраќа со зборовите добровечер сограѓани, каде вие сношти видовте Охриѓани и нивни сограѓани? Сношти овде честа на Груевски ја спасуваше Амди Бајрам. Сношти овде немаше охриѓани, затоа што охриѓани се достоинствени кои неможат да ја продадат својата душа“. – рече пратеникот Митре Велјаноски.

„На овие избори светот, Европа, треба да ја чуе и вашата порака. Што сметате за она што се случува во Македонија? Што сметате за владата која владее со Македонија и резултатите кои ги дава таа влада? Затоа почитувани граѓани на град Охрид, не смеете да заборавите дека овие локални ибори се и ваш одговор“. – порача од Охрид  претседателот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски.

Градоначалникот  Александар Петрески, рече дека нема да дозволи, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да го земат Охрид и Македонија и да ги стават во темните  страници на светските цивилизациски вредности.

„Јас, Александар Петрески, актуелен градоначалник на светиот Охрид и кандидат на здружената опозиција  предводена од СДСМ  за трет мандат, ви ветувам дека Охрид не го даваме . Ќе има многу непреспиени ноќи , тешки утра и уште потешки денови, тешки денови во кои јас задно со вас  ќе го браниме овој свет град и од ден во ден ќе ја надградуваме светоста и светлината на нашиот Охрид. За разлика од синоќа, вечерва сликата е многу поинаква. Ова е  вистинска охридска слика, ова се охриѓани, вакви се охриѓани. Ова се граѓаните кои по трет пат ќе ми го дадат мандатот, затоа што знаат кој е од народот и кој е за народот“. – рече Петрески.

Како што истакна Петрески, зад него се големи инфраструктурни  проекти, средувањето нa улиците, канализационата мрежа, одличната промоција на Охрид надвор од нашите граници, совршено чистиот Охрид.

„Во овој мандат  ќе се конфронтирам со своите зборови, ќе ги соочам моите дела со моите грешки, ќе ги спротиставам наученото и искуството со реалната состојба. Ќе им закажам дуел на моето преќутување со наметнатите зборови. Дуел на моја виситина со вистината. Имам право да бидам убеден дека без оглед на се, преовладуваат позитивните работи, мојата способност за издигнување на партиската функција и добивање на епитетот, кој и конкурентите го признаваат, а тоа е градоначалник на Охрид. Ги посветив своите претходни осум и ги нудам на тацна моите следни четири години. Четири години за да  го завршам она што го започнав, четири години за да се гордееме заедно на сработеното“. – рече Петрески.

На крај се обрати и претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски.

„Заедно со вас организиравме десетици, стотици, протестни маршеви, собири, блокади, митинзи, ширум цела Македонија. Илјадници луѓе секоја вечер ги полнеа улиците и плоштадите на македонските градови. Конечно се пробуди желбата, се покажа волјата, па ако сакате и инаетот на нашиот човек, на нашиот народ да се побуни, да се бори, да се пружи отпор против оваа тиранија, против оваа аздисана и забегана власт, против оваа диктатура на еден човек и една мала група луѓе околу него. Благодарение на граѓаните поради нивната доверба, упорност, верба, решителност, предвремени парламентарни избори ќе има. Бојкотот е прекинат, но отпорот продолжува. Како што се договоривме до крај, до конечна победа“. – истакна Црвенковски.

Актуелниот градоначалник, Александар Петрески за Црвенковски претставува вистински борец за досегашната битка.

„На Аце сакам да му доделам признание. Ако некој градоначалник бил изложен на специјална војна од оваа власт на перманентни контроли, закани, пријави, на медиумски хајки, дискредитации на разноразни лаги и конструкции, тоа е тој. Никогаш не  го скршија, не го уплашија, никогаш не го поколебаа, достоинствено им се спротивставуваше, им пркосеше и секогаш на крај победуваше. Вистински борец во оваа битка што ја водиме, која мора да ја добиеме.“ – рече Црвенковски.

Црвенковски уште еднаш потенцираше дека Македонија не е онаа на Никола Груевски, туку Македонија за која вреди да се работи, да се бори и да се покаже дека не само што е подобра, туку е и побројна, посилна, помоќна, победничка Македонија.

SDSMmiting2

WebOhrid