Бакрачески: На местото од досегашната ќе изградиме современа меѓуградска автобуска станица

„Охрид како туристички центар на ова место требаше до сега да има објект, база и локација која ќе биде препознатлив дел од градот. Долги години наназад, сведоци сме на голем број на лажни ветувања“, изјави при денешната посета на автобуската станица во Охрид, кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДМНЕ, д-р Никола Бакрачески.

„Ова е едно од најгрдите лица на градот, тоа е место каде што имаме неуредена јавна површина, калливи премини, голем број на дупки, оставени торби насекаде околу така наречената автобуска станица и ова е место кое што го дава најлошиот впечаток за секој патник, за секој турист, кој што за прв пат ќе стапне во градот. Тоа е уште еден доказ за непосветеноста, негрижата и незаинтересираноста на локалната самоуправа во изминативе години и тоа е за жал за првата лоша импресија која што туристите кога ќе дојдат во Охрид ја стекнуваат со доаѓање на оваа автобуска станица“. – рече д-р Бакрачески.

Како што изјави Бакрачески, негова намера е ова грдо лице да го промени и го претвори во едно убаво лице на градот, впрочем и за тоа ја бара довербата од граѓаните и ја презема обврската за неотпочнатите и незавршени работи.

„Јас како иден градоначалник и мојата советничка листа и тимот кој што ќе го формираме, впрочем тоа е и во нашата програма, една од првите наши задачи ќе биде да на ова место издигнеме еден препознатлив објект кој ќе биде лице на градот, тоа ќе биде современа меѓуградска автобуска станица, која ќе биде изградена по сите меѓународни стандарди со потребните инфраструктурни објекти, со сите техничко-технолошки помагала. Нашата намера е да ова место стане и центар за околните населби кои гравитираат овде и свратилиште на голем број граѓани, ќе има голем број на придружни објекти така да ова место навистина ќе прерасне во втор центар на градот“. – додаде Бакрачески.

Како што кажа кандидатот за градоначалник, д-р Никола Бакрачески, на граѓаните им се потребни дела, а не зборови, и затоа тој ја бара нивната доверба и се надева дека граѓаните ќе умеат да препознаат кој знае и умее да работи и која дава само лажни и неостварени ветувања.

BakraceskiAvtobuska2 BakraceskiAvtobuska3WebOhrid