Владата дава 60% од средствата за осигурување на земјоделските култури

Како што истакна на денешната прес-конференција, портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев, Владата насочува големо внимание на поддршката и развојот на земјоделството преку широка палета на мерки и политики и финансиски стимулации кои се инвестираат во овој сектор.

Значаен елемент во синџирот на земјоделското производство е неговата заштита од непогоди. Практика во европските земји е земјоделските имоти, посеви, насади и производи да се осигуруваат во огромен процент. Кај нас овој тренд има линија на зголемување, од 300 земјоделски осигуреници во 2008 година, бројот е искачен на околу 1200 корисници во 2012 година, но цениме дека може и повеќе и подобро, и Владата е силно фокусирана на зголемување на процентот на земјоделци кои ги осигуруваат своите имоти.

За жал, обично за значајноста на осигурувањето се зголемува свеста кога ќе се случи некоја непогода, како минатонеделните поплави предизвикани од природните непогоди и обилните врнежи, и во такви услови се гледа големината на потфатот и целисходноста на осигурувањето.

Затоа и Владата предвиде и апелира до земјоделците постојано да се искористува владината мерка за давање финансиска поддршка во висина од 60% од трошокот за осигурување на земјоделските стопанства.

Владата одлучи оваа година за двојно да ја зголеми вкупната сума на средства кои ги дава на лицата кои сакаат да ги осигураат своите земјоделските стопанства, од ланската сума на исплатени околу 17 милиони денари, сумата за оваа година изнесува 35 милиони денари. Доколку се оствари нашата интенција и постои зголемен интерес за осигурување во земјоделството, Владата ќе ја зголеми оваа сума со цел да излезе во пресрет на земјоделците и да ги опфати лицата кои сакаат да се осигурат.

Веќе од месец април сите земјоделци кои сакаат да ги осигураат своите земјоделски имоти ќе може да ги поднесуваат своите барања до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството за државата да може да им даде 60% од парите за осигурувањето, и тој рок ќе трае до крајот на август.

Процедурата е едноставна и се состои од три чекори, без посебни ограничувања.

1. Земјоделецот поднесува барање на пропишан образец во Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, и врз основа на поднесеното барање ПЕ издава потврда за пријавени производни капацитети во Единствениот регистар на земјоделски стопанства.

2. Потврдата барателот ја доставува до осигурителната компанија која е по избор на барателот, без ограничувања. Осигурителната компанија и барателот склучуваат полиса при што барателот се задолжува со 40% од вредноста на полисата а за останатите 60% се задолжува Агенцијата, значи осигуреникот земјоделец плаќа само 40% од сумата на осигурувањето кон осигурителната компанија, а останатите 60% од средствата ги исплаќа Агенцијата.

3. Земјоделецот ја известува Агенцијата, која за одобрените барања врши исплата на сметка на осигурителната компанија, за име и за сметка на барателот. За добивање на средствата нема посебни услови туку важат оние општите услови кои важат за добивање на субвенции во земјоделството.

На овој начин имотот (посевот, насадот, расадот) е осигуран и доколку во идниот период настане некоја непогода и го оштети имотот на земјоделецот, осигурителната компанија на земјоделецот му ја надоместува загубата.

За да се помогне на оние земјоделци на кои им е најнеопходна помош, мерката врз основа на длабоки анализи е таргетирана со фокус на индивидуалните земјоделци при што таа важи за земјоделците кои поседуваат најмногу до: 

– До 5ха за лозови и овошни насади, 

– До 2ха за градинарски култури, 

– До 1ха за тутун, 

– До 10ха за житни култури и 

– До 100 пчелни семејства,

Односно тоа е највисок праг на посед на земјоделска површина за која може да се користат средствата од државата за да се осигура имотот. Проценката и анализата покажуваат дека токму земјоделците кои поседуваат до овој праг на земјоделска површина имаат потешкотии со осигурувањето, и дека тие трпат најголеми загуби од евентуалните непогоди, за себе и за своите семејства бидејќи претежно егзистираат од земјоделие, и за тоа интервентно на нив им се помага.

Можноста е добро да се искористи, затоа што финансискиот износ на трошок на самиот земјоделец не е висок, и тој се пресметува како резултат на површината која е осигурана и очекуваниот принос од таа површина на земјоделската култура. Тој очекуван принос се множи со пазарната цена на земјоделската култура, и од таа пазарна цена се пресметува премиската стапка како процент од вкупната очекувана сума на принос. Од таа премиска стапка земјоделецот дава 40% а 60% државата, или за илуистрација:

Примери за износот на премиите во зависност од осигураната кутура:

1.         Лозови насади 

Осигурана површина: 1ха винско грозје 

Осигуран принос: 30.000 кг 

Цена на производот:  11 ден/кг 

Вредност на производството: 330.000 ден

Премиска стапка: 9,5% 

Вредност на полисата 31.350 ден 

Износ кој се покрива од страна на барателот : 12.540 денари 

Износ кој се покрива од буџетски средства: 18.810 денари 

2.         Овошни насади 

Осигурана површина: 1ха праски 

Осигуран принос: 20.000 кг 

Цена на производот:  20 ден/кг 

Вредност на производството: 400.000 ден 

Премиска стапка: 7% 

Вредност на полисата 28.000 ден 

Износ кој се покрива од страна на барателот : 11.200 денари 

Износ кој се покрива од буџетски средства: 16.800 денари 

3.         Градинарски култури 

Осигурана површина: 1ха пипер 

Осигуран принос: 40.000 кг 

Цена на производот:  15 ден/кг 

Вредност на производството: 600.000 ден 

Премиска стапка: 5,5% 

Вредност на полисата 33.000 ден 

Износ кој се покрива од страна на барателот : 13.200 денари 

Износ кој се покрива од буџетски средства: 19.800 денари 

4.         Тутун 

Осигурана површина: 1ха тутун 

Осигуран принос: 1.500 кг 

Цена на производот:  120 ден/кг 

Вредност на производството: 180.000 ден 

Премиска стапка: 5,5% 

Вредност на полисата 9.900 ден 

Износ кој се покрива од страна на барателот : 3.960 денари 

Износ кој се покрива од буџетски средства: 5.940 денари 

5.         Житни култури 

Осигурана површина: 1ха пченица 

Осигуран принос: 3.500 кг 

Цена на производот:  14 ден/кг 

Вредност на производството: 49.000 ден 

Премиска стапка: 4,5% 

Вредност на полисата 2.205 ден 

Износ кој се покрива од страна на барателот : 882 денари 

Износ кој се покрива од буџетски средства: 1.323 денари 

Оваа е една исклучително поволна можност за земјоделците и повикуваме да се искористи, веќе од април тие може да ги доставуваат своите апликации, и тој рок ќе трае најмалку до крајот на август што значи дека и во овој рок може да ги осигураат своите насади, расади, посеви и да добијат 60% од парите за осигурувањето од државата. На тој начин земјоделскиот имот ќе им биде осигуран и во случај на штета ќе се надомести. На овој начин сите добиваат, и земјоделците но и осигурителните компании кои поради зголемениот обем на работа нема да имаат загуби. 

Владата ќе продолжи со реализација на мерки и политики, и проекти за поддршка на земјоделците и во следниот период.