ВМРО-ДПМНЕ: Во собранието на РМ никогаш не е усвоен Закон за национализација на било какво земјиште

По повод денешната изјава на кандидатот за градоначалник на СДСМ за Охрид, Александар Петрески за наводниот Закон, кој што го поднел пратеникот Александар Николоски реагираат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во Собранието на Република Македонија никогаш не е усвоен Закон за национализација на било какво земјиште. Тоа е манипулација од најдолен вид, својствена за политиката на лаги на градоначалникот на Охрид во заминување. Пратеникот Александар Николоски во Собранието на РМ поднесе единствено закон со кој се овозможува побрза градба на објекти од прва категорија, а тоа се хидоцентрали, термо централи, патишта и автопатишта, водоводни и канализациони системи и спортски објекти.

Градоначалникот на Охрид во заминување многу добро знае дека во Љубаништа ништо од ова не е предвидено, а онаму каде што е предвидено обесштетувањето ќе биде по пазарна цена.

Премиерот Никола Груевски кога беше министер за финансии го започна процесот на денационализација со кој се вратија имотите кои што предходницата на СДСМ им ги одзеде на граѓаните. Исто така премиерот Никола Груевски работи на мултимилионска инвестиција во близина на Љубаништа со индиската компанија Сахаријан, која што инвестиција многукратно ќе ја зголеми цената на земјиштето не само во Љубаништа туку на  целото крајбрежие. ВМРО-ДПМНЕ работи во интерес на граѓаните, а Александар Петрески само манипулира.

Горди сме што Александар Николоски, Никола Бакрачески и советничката група на ВМРО-ДПМНЕ се на страната на чесните граѓани, а Бранко Црвенкоски и Александар Петрески на страната на урбаната мафија. Тоа е значајна и непомирлива разлика меѓу нас“. – стои во реакцијата од  ОК на ВМРО-ДПМНЕ.

WebOhrid