МОСТ со најголем број на набљудувачи на гласачките места

Првиот од круг од Локалните избори 2013, Граѓанската асоцијација МОСТ ќе го следи со околу 3200 набљудувачи, број со кој ќе се покријат околу 50 проценти од гласачките места во Република Македонија, како и 50 проценти од гласачките места во рамките на секоја општина.

Набљудувачите на МОСТ ќе бидат статични, и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање на гласачките места. Покрај тоа, МОСТ ќе има и мобилни тимови, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги набљудуваат повремено оние места на кои МОСТ нема статични набљудувачи.

Покрај гласањето на 24 март, денес МОСТ го набљудуваше и предвременото гласање на болни и немоќни лица, внатрешно раселени лица, лица во затвор и лица во куќен притвор.

Жолтите маици, на кои на предната страна стои логото на МОСТ и е испишано “Мониторинг 2013“, овластувањата од МОСТ и акредитациите од ДИК, истакнати на видно место, ќе бидат препознатливиот белег на граѓаните, кои како домашни набљудувачи се дел од тимот за набљудување на Граѓанската асоцијација МОСТ. Обележјата на набљудувачите оваа година се разликуваат од тие од претходните години. МОСТ потенцира дека набљудувач на организацијата е единствено оној граѓанин кој носи маица и овластување исклучиво од овие избори.

Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, ќе биде отворена бесплатната телефонска линија 080 080 080. Доколку граѓаните не се сигурни каде можат да го остварат своето право на глас, со внесување на своите податоци можат да проверат на интернет страната izbirackispisok.gov.mk.

Сите потврдени информации од набљудувањето на денот на изборите, МОСТ ќе и ги соопшти на јавноста на четри конференции за јавност, кои ќе се одржат во 9, 13, 17 и 21 часот.

Граѓанската асоцијација МОСТ упати уште еден апел за одржување на фер, слободен и мирен изборен процес.

Во таа насока беа и изјавите дадени од страна на Амбасадорката на Сојузна Република Германија во Р. Македонија, г-ѓа Гудрун Штајнакер и Амбасадорката на Кралството Холандија во Р. Македонија, г-ѓа Мариет Шурман.

Проектот “Домашно набљудување на Локалните избори 2013“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ и е поддржан од Швајцарската агенција за меѓународен развој, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.