Состојба на избирачките места според МОСТ

Граѓанската асоцијација МОСТ денешното гласање ќе го следи со 3200 набљудувачи, кои ќе покријат околу 50 проценти од избирачките места на територијата на Р Македонија, како и 50 проценти од гласачките места во рамките на секоја општина.

Набљудувачите на МОСТ се статични, и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, има и мобилни тимови, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги набљудуваат повремено местата на кои МОСТ нема статични набљудувачи.

Според информациите од набљудувачите и регионалните координатори отворени се сите гласачки места на кои МОСТ има распоредено свои набљудувачи. Забележано е:

  • Гласачко место 1720 во општина Струмица е отворено на време, но набргу по отварањето на гласачкото место имало прекин на гласањето поради тоа што ИО увидел дека постои вишок од 33 гласачки ливчиња. ОИК извршила увид на самото ИМ, при што е констатирана грешка во сериските броеви и дадена е препорака истото да биде забележано во записникот, по што гласањето продолжило.
  • Гласачко место 0957 во општина Крива Паланка е отворено со задоцнување од 1 час поради снег. Оваа инаформација е потврдена од ОИК Крива Паланка.
  • Гласачко место 0925 во општина Кратово е отворено во 7 и 30 часот. На ова гласачко место забележано е и читање на глас на имињата на гласачите.
  • Гласачко место 2295 во општина Штип, е отворено во 7 часот но било прекинато во 7 и 15 часот поради тоа што пред објектот во кој се наоѓало ИМ имало билборд на политичка партија. ОИК во соработка со против пожарната служба го отстраниле пропагандниот материјал и гласањето продолжило во 7 и 45 часот.

Според потврдените информации, дојавени од набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ, досега забележани се следните неправилности на гласачките места:

  • Гласачко место 1917 село Велешта општина Струга, забележано е групно гласање, семејно гласање, присуство на неовластено лице кое им помага на гласачите позади параванот. По пристигањето на полицијата лицето си заминало.
  • Гласачко место 2158 во општина Велес гласањето било во прекин 35 минути поради забелешката на претставник на политичка партија дека недостасува гласачко ливче. ИО утврдил дека се е во ред со гласачките ливчиња по што гласањето продолжило.
  • Гласачко место 2692 општина Аеродром ИО ги чита на глас имињата на гласачите. По реакцијата на набљудувачите на подносителите на листи имињата се читаат само потивко. На набљудувачот на еден од подносителите на листи од страна на ИО му е одземен списокот на кој ги евидентирал имињата на лицата кои го оствариле своето право на глас.
  • Гласачко место 0931 општина Кратово имало прекин на гласањето од 10 минути поради скршен печат. Печатот е поправен и е продолжено со гласање. ИО на ова гласачко место ги чита на глас имињата на гласачите.
  • Читање на глас на гласачите е забележано и на следните гласачки места:
  • Гласачко место 2809 општина Центар, ИО ги чита на глас имињата на гласачите. Образложението било дека се договориле така со набљудувачите на подносителите на листи.
  • Гласачко место 2638 општина Карпош,
  • Гласачко место 2816 општина Центар
  • Гласачко место 2642 општина Карпош
  • Гласачко место 2650 општина Карпош
  • Гласачко место 2860 Општина Центар ИО по грешка му дал на гласачот 2 ливчиња за Совет на Град Скопје. По увидената грешка на гласачот му е наложено едното ливче да го направи неважечко и да го покаже пред ИО. Гласачот одбил да го стори тоа и ги пуштил двете ливчиња во кутијата.
  • Гласачко место 0674 општина Кавадарци, гласач е фатен како го слика гласачкото ливче, при што и двете ливчиња му се одземени од страна на ИО, исто така одземена му е и личната карта и повикана е полиција. Гласањето продолжило.
  • Гласачко место 0648 општина Демир Хисар, дошло до прекин на гласањето бидејќи еден гласач откако го земал материјалот за гласање отишол позади параванот, по што во афект ливчињата ги оштетил и со нив го напуштил гласачкото место. Полицијата го нашла, му ги одземала ливчињата и истите се вратени во кутијата. Гласањето било во прекин 30 минути по што продолжило.
  • Гласачко место 1584, општина Радовиш во гласачкото место имало неовластени лица кои сугерирале на гласачите како да гласаат, истите по реакција на претставник на политичка партија биле отстранети од страна на полицијата.
  • Гласачко место 0845 општина Кочани, прекин на гласањето поради гужва на гласачкото место и поради тоа што претседателот на ИО на некој од гласачите на глас ги читал имињата на кандидатите, по реакција на ОИК, изречено е предупредување до претседателот на ИО и гласањето продолжило.
  • Гласачко место 1966 општина Тетово, злоупотреба односно некористење на УВ ламбата во повеќе од 20 случаи.
  • Гласачко место 2731 општина Аеродром, член на ИО ставил 4 гласачки ливчиња во ташна, на што реагирал претседателот на ИО, при претресот на ташната најдени се само 3 ливчиња, повикана е полиција, гласањето било кусо во прекин, по што продолжило.
  • Гласачко место 1537 општина Пробиштип, на едно лице му е дадено да гласа пред да се провери во ИС и додека тој бил зад параванот ИО утврдил дека тоа лице не е на ИС. Ливчињата се поништени и направен е записник.
  • Гласачко место 0937 општина Кратово параванот за гласање има отвор поради што е нарушена тајноста на гласањето.
  • Гласачко место 0845 општина Кочани имало 15 минутен прекин поради распани УВ ламби. Поправени се и продолжило гласањето.
  • Гласачко место 0678 општина Кавадарци партиски набљудувач правел список со гласачи бидејќи се читаат на глас. По реакција на останатите членови на ИО и набљудувачите списокот му е одземен и скинат по што гласањето продолжило.
  • Гласачко место 2563 општина Ѓорче Петров набљудувач на политичка партија во 7 случаи им помагал на гласачите при гласањето и им сугеририрал за кого да гласаат.
  • Гласачко место 2916 општина Чаир гласач не бил запишан во ИС, а му било дозволено да гласа.
  • Гласачко место 1583 општина Радовиш забележани повеќе од 10 случаи на семејно гласање, како и случај во кој едно лице им помага за гласање на повеќе лица.
  • Гласачко место 1906 село Лабуништа општина Струга забележани повеќе од 10 случаи на семејно гласање.
  • Гласачко место 1908 село Лабуништа општина Струга забележани 14 случаи на семејно гласање.
  • Гласачко место 1905 село Лабуништа општина Струга повеќе од 35 случаи на семејно гласање.
  • Гласачко место 2613 општина Карпош регистрирано е неовластено присуство на носител на кандидатска листа во објектот.
  • Гласачки места 0276, 0277 и 0279 општина Пласница забележено е системско прекршување на процедурата на гласање. Забележани се повеќе од 60 случаи на семејно гласање и систематско на некористење на УВ ламба.
  • Гласачко место 1253 општина Охрид регистрирани се два случаи во кои на гласачките ливчиња имало кандидат од друга општина. ОИК го посетила гласачкото место и овие ливчиња ги ставиле во посебен плик.
  • Гласачко место 1999 општина Тетово забележани повеќе од 35 случаи на семејно гласање.
  • Гласачко место 1852 општина Струга забележани 27 случаи на семејно гласање.
  • Гласачко место 1930 општина Тетово забележани над 30 случаи на семејно гласање.
  • Во ОИК Суденичани пријавени се 23 гласачи кои имале биометриски лични карти, а ги немало во ИС.
  • Гласачко место 1376 општина Прилеп две лица во два одделни наврати се фатени како сликаат гласачки ливчиња. Во двата наврати реагирала полицијата. И во двата случаи имало прекин од 10 минути по што гласањето продолжило.
  • На гласачките места 1944 и 1989 општина Тетово забележани се над 15 случаи на семејно гласање поединечно.
  • Гласачко место 1947 општина Тетово забележани се над 30 случаи на некористење на УВ ламба.
  • Гласачко место 1956 општина Тетово малолетно лице сакало да гласа со туѓа лична карта, а ИО му издал гласачки ливчиња. Потоа ИО ја увидел грешката и ги поништил гласачките ливчиња и ги ставил во гласачката кутија. Полицијата извршила увид и случајот е внесен во записникот од ИМ.
  • Гласачко место 0301 општина Валандово регистрирани се 10 случаи на семејно гласање.
  • Гласачко место 1682 општина Свети Николе се читаат на глас имињата на гласачите
  • Во општина Гази Баба на гласачкото место 2507 – 20 лица, гласачко место 2509 – 30 лица и гласачко место 2510 – 30 лица не се нашле во ИС.
  • По затварањето на ИМ 2764 и 2765 во Дом на слепи, ИМ 2766 и 2767 во ОУ Круме Кепески и на ИМ 2655 во месна заедница Пржино во општина Кисела Вода имало прекин струја. Исто така и во ИМ 2557 и 2558 во ОУ Димитар Поп Ѓоргиев Беровски општина Ѓорче Петров нема струја.

На бесплатниот телефонски број 080 080 080 граѓаните најчесто се обраќаа за тоа како да дознаат на кое гласачко место гласаат, да пријават читање на глас на имињата на гласачите на гласачите места, да се пожалат дека ги нема во ИС и да пријават расфрлан пропаганден материјал.

Граѓанската асоцијација МОСТ прелиминарната оценка за изборите ќе ја даде утре на прес конференција која ќе се одржи во 13:30 часот.