Бакрачески: Ќе го почитувам мислењето на оваа установа, се со цел да се заштити културното наследство на градот

Новиот градоначалник на Охрид д-р Никола Бакрачески, денес го посети Заводот и Музеј Охрид, каде што се запозна со работата и проблемите со кои тој се соочува. Заедно со директорката на Завод и Музеј, Тања Паскали Бунташеска ветија соработка, која ќе допринесе за адекватна урбанизација на градот без притоа да се прават грешки како во минатото.

„Се запознавме и со проблемите на кои во минатото се наидуваше при урбанизација на градот, со она што значеше непочитување на мислењето на оваа национална установа, непочитување на заштитно конзерваторските основи и секако на Управата за заштита на културното наследство. Ние  како идна локална самоуправа како тим на советници и јас како градоначалник ќе го почитуваме мислењето на оваа установа, се со цел да се заштити културното наследство на градот“. – изјави Бакрачески.

Паскали Бунташеска, го запозна новиот градоначалник Бакрачески со изработката на заштитно конзерваторските основи кои претставуваат главна директива во натамошната урбанизација на градот.

„Се надевам на добра соработка со градоначалникот во интерес на градот. Ќе мора Општина Охрид  да направи нов детален урбанистички план за старото градско јадро врз основа на кое што е заштитено со закон, за да може да се усогласи Законот за Охрид со деталниот урбанистички план, и граѓаните да не се доведат во ситуација со месеци да чекаат одобрение за градба“. – истакна Паскали Бунташеска.

WebOhrid