Техничка грешка во изборот за најдобар тренер, Пандев го избра Мурињо

Фудбалската федерација на Македонија ја користи оваа прилика да го пренесе својот став за гласините и шпекулациите кои неправедно беа насочени кон капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија, Горан Пандев при гласањето во изборот на ФИФА за најдобар тренер за 2012 година.

Имено, кога прашалникот за гласање испратен од ФИФА за избор на најдобар фудбалер и тренер пристигна во Фудбалската федерација на Македонија, капитенот на репрезентацијата Горан Пандев беше контактиран за потврда на неговиот избор во двете категории.

Горан Пандев усно потврди кој е неговиот избор во категориите. Капитенот на репрезенацијата го избра Жозе Мурињо за најдобар тренер за 2012 година. Во гласањето, Горан Пандев му даде 5 поени на Жозе Мурињо.

Сепак, при пополнувањето на прашалникот поради техничка грешка, без било каква намера да се злоупотреби изборот на Пандев, беше обележано името на Висенте Дел Боске. Следниот ден прашалникот беше испратен до ФИФА. Станува збор за техничка грешка. Јасно е дека Горан Пандев својот глас го дава за Жозе Мурињо.

„Ја користиме оваа прилика да упатиме извинување до ФИФА, Жозе Мурињо и до нашиот капитен Горан Пандев за непријатноста на која беа изложени. Се надеваме дека последиците не се од големи размери и немаат големо влијание во изборот за најдобар тренер“. – известуваат од ФФМ.