Владата го прифати барањето на Адвокатската комора и на адвокатите за ставање надвор од примена на Законот за адвокатски маркички, со што ќе се овозможи фискализација на адвокатските услуги.
„Министерството за финансии на првата седница на Владата ќе предложи измена на Законот со цел да се стави вон сила и да се премине на вообичаениот систем на оданочување на услугите на адвокатите во делот на готовинските трансакции преку фискални апарати, а во делот на плаќањето преку жиро-сметка тоа ќе се биде вообичаено“, информираше денеска на прес-конференција вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Со тоа, според него, се излегува во пресрет на адвокатите со цел да се воспостават еднакви услови на пазарот и функционален систем за практична примена на даночната постапка. Се овозможува, појасни тој, на наједноставен и најтранспарентен начин адвокатските да бидат изедначени со сите останати интелектуални услуги. На тој начин идентично работат и извршителите, нотарите, стоматолозите, докторите, книговодствените бироа…
„Со ова Владата уште еднаш покажа конструктивност кога станува збор за разговори со одделни структури во општеството во насока на изнаоѓање решенија што се најпрагматични, најсоодветни за соодветната фела, а од друга страна сепак да го заштитиме даночниот систем и плаќањето на даноците да не биде доведено во прашање, односно следењето на плаќањето на даноците, особено кога станува збор за готовинските плаќања, да се врши преку фискализација и фискални апарати“, рече Ставрески.