Согледувања и оценка од набљудувањето на работата на изборните органи во првиот изборен круг

Граѓанската асоцијација МОСТ го набљудуваше процесот на одлучување по приговорите за гласањето, сумирањето и утврдувањето на резултатите од гласањето, поднесени до Државната изборна комисија.

За жал, мора да се констатира дека Државната изборна комисија не беше на ниво на задачата на највисок изборен орган кој треба да се грижи за законитоста во спроведувањето  на изборите. Имено, при одлучувањето по приговорите ДИК не беше доследна и конзистентна во донесувањето на одлуките.

Граѓанската асоцијација МОСТ нема да ги коментира поднесените приговори од политичките партии.

МОСТ исто така нема да ги коментира поединечните одлуки и гласања на овој орган, со оглед на фактот што дел од нив беа донесени не земајќи ги предвид одредбите во Изборниот законик, туку произлегуваа од тесните политички интереси.

При дискусиите по приговорите членовите на ДИК, наместо да се држат до предметот на расправа често пати држеа политички говори и застапуваа политички ставови што е недозволиво за ваков орган.

Во однос на одлуката со која беа поништени првичните официјални резултати за избор на градоначалник на општина Чаир, соопштени од ДИК, апелираме да се поведе соодветна постапка против лицата кои ги прекршиле законските одредби.

Што се однесува пак на рекордниот број на болни и немоќни лица пријавени за првиот изборен круг, најмалку 13.323 според информациите кои МОСТ ги доби од ОИК, упатството за спроведување на овој вид гласање дефинира дека:

“Болно и немоќно лице е лице кое не е во можност да ги врши основните животни потреби (не е во можност да се движи во станот ниту со користење на соодветни помагала, да одржува основна лична хигиена, да се облекува, да зема храна, ниту да врши други дејства за задоволување на основните животни потреби), односно лицето е неподвижно, потполно слепо, заболено од дистрофија или сродни мускулни или нервно мускуларни заболувања, церебрална или детска парализа или параплегија.”

Нејасно е за каков доказ за здравствената состојба се работи, односно дали таков документ може да издаде и матичен лекар?!

Позитивен е примерот на ОИК Теарце. Имено, во ОИК Теарце имало поднесено 49 барања за предвремено гласање за првиот изборен круг, но откако ОИК најавила дека ќе врши проверки дали овие лица ги исполнуваат условите за овој вид на гласање, сите барања биле повлечени. Апелираме до останатите ОИК да го следат овој позитивен пример и внимателно да ги разгледуваат барањата за предвремено гласање пред вториот изборен круг.

Како што веќе беше констатирано со прелиминарната изјава на МОСТ за првиот изборен круг, во однос на случаите со избирачите кои не можеа да се пронајдат во Избирачкиот список апелираме до сите граѓани пред вториот изборен круг да ги проверат своите податоци на веб страницата izbirackispisok.gov.mk, за точно да го утврдат избирачкото место на кое можат да го остварат своето избирачко право. Оние граѓани кои што нема да се пронајдат во Избирачкиот список ги упатуваме до подрачните одделенија на ДИК за да утврдат зошто ги нема во Избирачкиот список. Исто така, апелираме до надлежните институции да ги истражат ваквите случаи и да ја информираат јавноста за причините поради кои овие граѓани не се наоѓаат во Избирачкиот список.

Проектот “Домашно набљудување на Локалните избори 2013“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ, и досега е поддржан од Швајцарската агенција за меѓународен развој, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград.