Конференција по повод „Денот на НАТО“

Република Македонија споделува исти вредности и интереси со земјите-членки на Алијансата, а ги прифаќа и споделува принципите, целите и проценката за еволуцијата на безбедносното окружување во евроатлантската област. Истовремено, ние продолжуваме со учеството во три меѓународни операции предводени од НАТО, од ЕУ и од ООН со цел зачувување и унапредување на мирот и стабилноста во регионот и во светот. Тоа го истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери на денешната прес-конференција во Домот на АРМ, посветена на 4ти април, Денот на НАТО.

Воедно министерот Џафери во своето обраќање посочи дека развојот на 50% распоредливи и интероперативни воени сили, сојузништво и партнерството остануваат фундаментални принципи во остварување на целокупноста на одбраната и безбедноста.

„Регионалната одбранбена соработка вклучува постојани политички консултации на сите нивоа, заедничка обука, изградба на регионални центри за обука, изградба на заеднички воени единици, па се до заедничкото учество во меѓународните операции. Во тој дух Министерството за одбрана ќе продолжи со реализација на активностите кои произлегуваат од нашето членство во регионалните иницијативи“, додаде министерот Џафери на денешната прес-конференција.

Дополнително, укажувајќи на фактот дека во услови на светска економска криза која се рефлектира врз Република Македонија, неминовно се јавуваат и нови идеи и концепти за порационално однесување и подобри резултати, министерот Џафери посочи дека Армијата преку процесот на трансформација ќе обезбеди поголеми оперативни способности и подобро насочен командно-контролен систем.

На новинарско прашање поврзано со тоа дали Република Македонија има причина за славење во контекст на ветото за членство во НАТО во 2008 година, министерот Џафери посочи дека на самитот во Букурешт од страна на Алијансата беше прокламирано дека нашата држава ги исполнува политичките критериуми за членство, освен проблемот околу разликите за уставното име на Република Македонија.