На работниот состанок меѓу Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски и претставниците на клубовите од Првата фудбалска лига се дискутираше на актуелни теми кои значително влијаат и можат да придонесат за развој на натпреварувањето. Претставниците на клубовите се изјаснија дека немаат забелешки во однос на организирањето на досегашниот дел од првенството, со исклучок на неколку судиски одлуки.
Претставниците на клубовите позитивно го оценија делегирањето и работата на делегираните судии. Во однос на иницијативата за промена на системот на натпревари кој би требало да започне од натпреварувачката 2014/15 година, претставниците на клубовите начелно се согласија со предложените промени во системот (намалување на бројот на клубовите во сите степени на натпреварување и зголемување на бројот на клубови кои се натпреваруваат во општинска лига, со цел да се зголеми квалитетот, пред се на екипите кои се натпреваруваат во трета и општинска лига, а со тоа се придонесува за развој и професионализација на фудбалот во повисоките рангови на натпреварување).
Претставникот на ФК Работнички даде предлог да се промени календарското одигрување на натпреварите, односно првенството да започне во март, а да заврши во ноември. Присутните се заложија да се почитуваат и заострат критериумите кои се однесуваат на правилата за лиценцирање и учество на клубовите во натпреварувањето. Исто така заложбите се однесуваат на напорите да се подобри инфраструктурата, за што ФФМ веќе ја покрена иницијативата за поставување на 10 терени со вештачка трева.Како проблем клубовите го посочија нерешеното прашање со сопственоста на стадионите, односно нивното давање под концесија.Заклучок на присутните беше соодветна комисија да врши контрола на стадионите кои се користат за одигрување на првенствени натпревари и за време на натпреварувањето. На состанокот беа дадени предлози за промена во одлуките за тренинг компензација, обештетување, како и предлог за утврдување на зимскиот преоден рок, како преоден рок кои можат да го користат и аматери. Предложените предлози позитивно беа прифатени и истите ќе одат на потврдување на Управениот Одбор на ФФМ.Претставниците на клубовите донесоа заклучок да потпишат документ со кој се осудува национализмот, насилството на фудбалските терени и местењето на натпреварите.
извор: ФФМ