Европската комисија го објави Пролетниот Извештај за Република Македонија

Европската комисија го објави Пролетниот Извештај за Република Македонија.

Извештајот е подготвен согласно заклучоците на Советот на ЕУ од 9 декември 2012 година, во функција на можна одлука на Европскиот совет за отворање на пристапните преговори со Република Македонија за време на Ирското Претседателство со ЕУ до крајот на јуни оваа година.

Извештајот се осврнува на спроведувањето на реформите во петте клучни области опфатени со Пристапниот дијалог на високо ниво, превземените активности за унапредување на добрососедските односи, особено со соседните земји-членки на Унијата.

Европската комисија и со овој извештај потврди дека Република Македонија продолжува да ги исполнува сите копенхашки критериуми за почеток на пристапните преговори. Комисијата заклучи дека:

–          Постигнат е напредок во сите области кои беа предмет наанализа, и покрај политичките предизвици.

–          Реформите во рамките на Политичкиот дијалог на високо ниво продолжија.

–          Односите со соседите останаа добри и беа преземени  чекори во поглед на билатералните односи со Бугарија и Грција.

–          Формалните разговори за прашањето за името добија нов моментум.

Европската комисија се осврна и на политичките предизвици со кои се соочуваше Република Македонија во изминатиот период, порачувајќи дека е неопходно неодложно спроведување на политичкиот договор од 1 март 2013 година, oсобено одредбите кои се однесуваат на формирање Анкетна комисија.

По повод објавувањето на Пролетниот Извештај, Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски изјави:

„Цениме дека и овој Извештај на Европската комисија рефлектира мноштво резултати, факти и аргументи за донесување на позитивна одлука за почеток на пристапни преговори на ЕУ со Македонија на јунскиот Самит.

Владата на Република Македонија останува посветена и фокусирана на реформите за натамошно воведување на европските стандарди во Македонското општество и на промоцијата на добрососедските односи согласно европските стандарди.

Ќе продолжиме проактивно да вложуваме во унапредување на односите и во градење на нови мостови на соработка во регионот. Современите предизвици налагаат да работиме заедно – билатерално, регионално, во рамки на ЕУ и во рамки на НАТО – за нашата заедничка стабилност и просперитет.

Односите со Грција ни се важни. Сакаме да го изодиме патот до членството во Европската унија во соработка со и користејќи ги искуствата на Грција. Инициравме со искрена волја мноштво конкретни активности за продлабочување на билатералната соработка и взаемната доверба, кои остануваме подготвени да ги реализираме.

Што се однесува до грчко – македонската разлика околу името на Република Македонија, повеќе пати сме повториле дека сакаме час поскоро да се дојде до решение согласно демократските принципи и меѓународното право, во рамката поставена со резолуциите на ОН, Времената спогодба и пресудата на највисокиот меѓународен суд.

Остануваме определени со сите соседи да градиме заедничка европска иднина, базирана на европските принципи, со почитување на меѓусебните чувствителности. Сите отворени прашања и разлики ќе успееме да ги надминеме со заемно почитување и доверба, со почитување на европските вредности, демократските начела и човековите права“.