Аудиовизуелна лабораторија на Факултетот за драмски уметности

Во новата аудиовизуелна лабораторија  на Факултетот за драмски уметности веќе се работат дипломските филмови на студентите од неколку класи. Таа е инсталирана преку проектот на Владата на РМ и Министерството за образование и наука за набавка и опремување на лаборатории на јавните високообразовни институции и во неа се инвестирани 700.000 евра.

Премиерот Никола Груевски денеска ја посети лабораторијата на ФДУ и изјави дека е задоволен од задоволството на студентите и професорите кои со неа добиле соодветни услови за вежби и продукции, какви што постојат на филмските академии низ светот.

„Таа целосно го опремува делот за филмски студии на овој факултет за правење вежби и секаков вид продукции. ФДУ доби врвна опрема каква што во овој момент може да се добие, и задоволство ми е што од неа се задоволни професорите и студентите. Тие ќе можат во иднина да вежбаат на соодветен начин, како што тоа се случува на секој нормален факултет за драмски уметности или филмска академија. Таа ќе може и да им се изнајмува на продукциски куќи за надомест кој ќе му служи на факултетот за покривање други потреби“, изјави Груевски по посетата на лабораторијата, придружуван од министерот за образование и наука Панче Кралев.

Нагласи дека лабораторијата е сериозен чекор во опремувањето на ФДУ и дека за година и половина ќе  биде решен и проблемот со сместување на факултетот, кој од старите бараки во Карпош треба да се пресели во нов објект што се гради на потегот од МАНУ до МНР, веднаш до црквата „Св. Богородица“.  

Деканот на ФДУ Лазар Секуловски појасни дека лабораторијата е наменета за сите видови аудиовизуелни уметности – филм, телевизија, драмски уметности.

„Лабораторијата и тоа како ќе ни се најде, со оглед дека ФДУ е супериорен на полето на играната продукција. Набргу ќе има продукција на играна серија во која ќе учествуваат студенти од ФДУ и ќе партиципираат сите професори и соработници на факултетот. Во лабораторијата веќе се работат дипломските филмови на неколку класи и се надевам дека резултат на се што е произведено во неа ќе се види во септември. Една година е функционална и во неа се направени првите испитни филмчиња во рамките на редовната програма  на академската сцена, кои веќе се ставени на Јутјуб“, рече Секуловски.