Ристовски: Во Македонија се посвојува според законите, а не преку медиумите

Секој граѓанин во и надвор од државата кој има интерес да го посвои бебето најдено во двор во Арачиново, како и за кое било друго дете треба да знае дека во Република Македонија посвојувањето се реализира според законите и должни се да испратат пријава за упис во Регистерот на посвоители, нагласи министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Одговарајќи на новинарско прашање за барањето преку медиумите на семејства кои сакале да го посвојат бебето кое лекарите го нарекоа Најден нагласи дека заинтересираните за посвојување на кое било дете прво треба да се пријават во Регистерот, да ја почнат постапката, а потоа ќе се разгледува дали може да биде посвоено или не.

„Би сакал јасно и недвосмислено да истакнам дека ниту едно дете во Македонија не се посвојува и нема да се посвојува дете преку медиум“, подвлече Ристовски.

Потсетувајќи и на случајот со малата Надица за која исто така имаше интерес преку медиумите за посвојување рече дека немало ниту едно официјално барање.

„Ова е втора ситуација во која граѓани, иселеници – македонски државјани пројавуваат наводен интерес за посвојување и на ова дете, како во случајот на Надица. До денеска ниту за Надица ниту за Најден не е стигната ниту една официјална пријава за упис во Регистерот на потенцијални посвоители, на некои од граѓаните што истакнале во одредени медиуми дека сакале да ги посвојат“, истакна Ристовски.

Ова новороденче, тој подвлече дека се наоѓа во исклучително тешка здравствена состојба. 

„Тоа пред неколку дека конечно успеа да дише само. Се уште се храни преку соодветни медицински апарати. Лекарите се во континуиран надзор на здравствената состојба и ќе му биде потребно долг период за здравствена поддршка за да се стабилизира неговата состојба. Потоа паралелно со постапката да се најдат сторителите ќе се бараат и неговите биолошки родители. Доколку не се најдат родителите ќе биде запишано во матичната книга на родени, ќе му биде издаден комплетен идентитет и старател, а дури потоа ќе биде запишано во Регистерот на посвоители и ќе продолжи постапката за негово посвојување“, појасни Ристовски.