Металург 25:27 Киелце

И по третиот натпревар не ја почувствувавме радоста од победа над екипата на Киелце. Повторно сме поразени, овојпат во најважниот натпревар во нашата историја. Спортски е да се надеваме, човечки е да посакуваме, но ќе имаме навистина тешка задача на претстојниот реванш-натпревар. Сепак, пред синоќешната средба и двете страни беа согласни дека судбината на двомечот ќе се решава во Полска, дека ниту еден резултат во Скопје не гарантира конечен успех.

Синоќешната средба се чини дека ја решија бројните повреди кај нашите играчи. Клучни ракометари, какви што се Миркуловски, Маркоски и Мојсовски, во изминатиот период санираа повреди. Ако кон нив ги придодадеме и од порано повредените Манасков и Ангелов, тогаш станува јасно дека Металург вчера не беше оној истиот, што ги одигра претходните средби со полскиот шампион. Како по некое црно сценарио се повреди и Дарко Станиќ, што делуваше шокантно на нашиот тим. Предноста што ја имавме до тој момент постепено се стопи, а играта зеде сосема поинаков тек. Мора да се истакне дека Киелце веројатно е најгрубата екипа која настапила во Скопје, екипа која не бира средства за да се справи со противничките ракометари, а после дел од направените прекршоци многу од нашите ракометари завршија во рацете на нашиот физиотерапевт.

Почнавме добро и преку Вугринец и Миркуловски ги реализиравме своите почетни напади. Зорман успеа да намали, но веднаш возвратија Мојсовски и Вугринец, за водство од 4:1 (8. минута). На истекот од десеттата минута, истиот Зорман брутално го покоси Георгиевски, што беше повод за првите нервозни искри кај двата тима, сцена што се повторуваше во текот на целиот натпревар.

Преломен момент на целата средба беше 11. минута, кога поради повреда теренот го напушти Дарко Станиќ. Тоа веднаш се одрази на нашата игра, иако уште некое време го контролиравме резултатот. Во 26. минута, по двата гола на Ракчевиќ, за последен пат имавме пристојно водство, 13:10. До крајот на полувремето, нашите технички грешки ги искористи Јахлевски, кој од позиција на лево крило ја врати неизвесноста израмнувајки на 13:13.

Второто полувреме не наликуваше на првото. Иницијативата ја презедоа Полјаците и за краток период создадоа водство, кое не успеавме да го анулираме до крајот на средбата. Најпрво во 40. минута имаа предност од два гола, 16:18, а кон средината на овој дел и цели четири, со голот на Јурецки во 47. минута, 17:21. По головите на Росински, Муса и на Јурецки, во 55. минута, дојдовме до работ на амбисот, 20:25, а истото ни се случи и во 58. минута, кога губевме со резултат 22:27. За среќа, Полјаците прерано почнаа да ја слават победата, а тоа го искористи Металург и, преку двата гола на Ванчо Димовски, намали на 24:27. Во последните тринаесет секунди изведовме напад, и тоа со ракометар повеќе, по исклучувањето на Јурецки. На секунда до крајот, Мојсовски реализираше седмерец за искра надеж на претстојниот реванш.

Полјаците заминаа со предност од два гола, но и со голем број постигнати голови, 27. Во рововска битка каква што не очекува во Полска, можеби ќе ни треба победа од три гола разлика. Задача тешка, но не и невозможна. Металург веќе нема што да загуби и тоа е можеби единствената наша предност. 

РК Металург – Киелце 25:27 (13:13) 

РК Металург: Станиќ (седум одбрани), Митревски (три одбрани + седмерец), Мојсовски 6 (3), Вугринец 5 (1), Миркуловски 4, Батиновиќ 2, Димовски 2, Ракчевиќ 2, Додер 1, Георгиевски 1, Коражија 1, Маркоски 1, Јоновски, Алушовски, Козлина и Левов.   Седмерци: 4/6.   Исклучувања: 2 минути.

Киелце: Шмал (девет одбрани), Лосерт (седмерец), Јахлевски 4, Росински 4, Зорман 4, Јурецки 3, Лијевски 3, Бунтиќ 2, Муса 2, Стојковиќ 2, Биелецки 1, Чупиќ 1 (1), Олафсон 1, Грабарчик, Штрлек и Ткачик.    Седмерци: 1/2.    Исклучувања: 10 минути.    Црвен картон: Јурецки (3х2 минути).

Судии беа: Шломо Кохен и Јорам Перец од Израел; додека пак делегати: Хелмут Виле од Австрија и Јосип Посавец од Хрватска.

извор: РК Металург