Одземени артефакти и кривична пријава за двајца охриѓани

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство и природни реткости“ секторот за внатрешни работи Охрид против И.Б.(36) и А.Т.(20) двајцата од Охрид поднесе кривична пријава. 

На 13-ти минатиот месец, полициските службеници кај А.Т. пронајдоа вкупно дваесет и две најлонски паковања со различни археолошки предмети. Тие се пронајдени при акција на полициските службеници и извршен преглед  врз А.Т. кој се наоѓал во близина на паркинг простор во централното градско подрачје. Притоа, во торбицата што тој ја носел забележани се археолошките артефакти спаковани во најлон кеси. Предметите направени од бронза и сребро кои имаат археолошко значење се одземени и предадени во заводот и музеј на град Охрид.

Купопродажбата на дваесет и двата археолошки артефакти била извршена на 12-ти минатиот месец во домот на И.Б. во Охрид кој со намера да стекне противправна имотна корист на А.Т. му ги понудил и продал археолошките предмети за 3.500,оо денари. Откако ги купил старите и вредни археолошки предмети направени од бронза и сребро, А.Т.  несакајќи да ги носи дома, ги сокрил во близина на скаличките кај паркот на паднатите борци во Охрид. 

Утредента околу 15 часот тој ги откопал најлонските кесички и со намера, вредните предмети да ги сокрие на друго место, А.Т. се упатил кон центарот на градот. По кратко време тој е забележан и приведен во СВР Охрид.

СВР Охрид презема понатамошни мерки за утврдување на потеклото на вредните археолошки артефакти.