Благородната мисија на Благородна Јосифоска – За љубовта кон старините и за допирот на вековите

Охрид, првите денови од мај 2013 Лето Господово. Празнична атмосфера од градскиот плоштад и нагоре, кон чинарот. Полна е охридската чаршија. Илјадници туристи дошле за празнициве да го вкусат исконскиот Охрид и да го  помирисаат  здивот на Охридското Езеро. А има ли поубаво место од охридската чаршија, од камената улица. Таму, среде чаршијата, неуморно гостољубиви во едно малечко дуќанче од само 10 квадратни метри чекаат да ги посетите и да ги разгледате  илјадниците дробни и јадри старини, македонски етно експонати и автентични еко производи кои толку многу можат да ви дадат мотив за поубав ден. Овде, во ова мало дуќанче во оваа традиционална еко етно куќа ќе ве пречека најтоплото добредојде, не со леб и сол, ами со најблагото – со лажица мед од домашно производство, а  по желба и со филџан кафе и бездруго, со најмакедонска, искрено христијанска насмевка. Да, токму така и токму тука, во малото етно дуќанче  на  госпоѓа Благородна Јосифоска ќе го почувствувате здивот на вековите, мирисот на годишните времиња, вкусот на убавината и гордоста на културното наследство што оваа жена-патриот ги сочувала во мајчински згрижените над стотина изворни носии од разни краишта на татковинава наша македонска, стари по неколку века, како и илјадниците сребрени, бакарни и други метални и ќерамички дребулии со бесценето значење за нас Македонците, предадени како аманет од предците за потомците. Голема е и благородна мисијата на Благородна Јосифоска која со неизмерна љубов кон старините и со голема, баш-мајчинска помош од својата мајка, со години и децении веќе ја збогатува својата семејна етно-куќа, собирајќи сè  што е вредно и сè што е изворно македонско – од секаде, од сите  наши Македонии.

Вредните и бесценети дребулии од покуќнина, како и  парчињата облека со вековна  старост привлекуваат огромен број на туристи  да влезат во ова мало  етно  катче од охридската чаршија, во која, пак, за жал, сè друго се искомерцијализирало, дури и не се препознава како македонска автентичност.

А туристите, воодушевени од гостопримството и  добродушноста на Благородна и нејзините помошнички, уживаат во вкусот на медот и  во благоста на муабетот, зачинет со допирот на старините, чиниш, како да се допираат вековите, како да се ракуваат со предците, како да се сведоци на свадбите на  прабабите и  прадедовците. Колку само чувства можат да ви се изнародат со  само еден допир на овие вековно сочувани носии, а  традицијата и обичајот да  имате можност да се преоблечете во невеста, зет, свекрва или свекор, таквото чувство нема соодветен опис со зборови, тоа мора да се доживее за да се спознае.

Токму такво доживување имаше  и авторот на овој напис кој со група црногорски, бугарски, мексикански, руски и американски  туристи  кои само во еден ден  беа во оваа македонска етно-куќа и преку глетката со старините, пропатуваа низ времето, низ вековите македонска историја… и уживаа видно возбудени од напливот на необичните чувства. Секако, неизбежно и одсрце го овековечија  своето престојување  во Охрид и Македонија, облечени во неколкувековно стари изворно македонски  носии. А  госпоѓа Благородна не заборава покрај убавите наши носии да ги обвитка туристите пред сликање со ленти на кои стои напишано: Македонија и Охрид.

„Ова е  обичај во нашево дуќанче. Сакаме  да ги промовираме ова  наше културно наследство и да  ги убедиме странските туристи  во  нашата древност и во нашето богато етно наследство, во нашите автентични обележја и во нашиот идентитет. Ова го правиме со љубов кон Македонија, со љубов и почит  кон нашите предци и со надеж дека и нашите потомци ќе  бидат грижливи кон она што како наследство и ние ќе  им го оставиме“, – вели Благородна, која додава дека и нејзините тука вработени се заразиле со нејзините гостопримливи навики и сите заедно се заслужни за повторното доаѓање  на оние  кои лани биле  – пак да дојдат годинава.

Им забележавме дека дуќанчето е премало за големото богатство кое тука е згрижено и  дека е потребно да се има многу поголем  простор – салон – за да можат  сите тие илјадници експонати да можат да бидат уште попривлечни и посоодветно поставени пред очите на бројните туристи  кои  минуваат низ охридската чарчија и кои  ќе имаат  поголема инспирациаја за понесување на  македонски спомени.

„Баравме помош од повеќе надлежни институции, здруженија и други моќници, но, знаете, за културното наследство не му се секираат премногу. Можеби и затоа сме овде кај што сме, без грижата за нашите корени да не знаеме  каков ќе ни биде алот во иднина.  

И покрај тоа, ние, со голема помош од мајка ми, секојдневно ја збогатуваме  нашата ризница, а  истовремено  произведуваме и  прекрасни пчелни производи  без кои нема  здрава храна. Медот што го нудиме е лек за сите болести, зашто оној кој се храни со ваков мед, може да заборави на  медикаментите и да  ужива во здравјето и во здравиот начин на живеење“. – истакнува нашата домаќинка Благородна, чија цел е да бидат задоволни  нејзините посетители – туристи, да го запаметат Охрид и Македонија како  дел од своето најдобро патување и уште повеќе, и самите тие да станат промотори на убавините и страрините на Македонија и на македонскиот милениумски древен народ.

Ние, сведоците на  незаборавните  средби  на туристите со Благородна Јосифоска и нејзината еко и етно  домаќинска куќа, ние можеме само да порачаме до надлежните да ги потпомогнат ваквите наши еко и етно промотори; да вложат денар повеќе во заштитата на културното богатство, зашто ние сме препознатливи и по древната облека и по древната култура; зашто тоа ни е белегот и нишанот на нашата древност, на нашиот идентитет, на нашата посебност меѓу народите.

Промоцијата на еко и етно убавините и старините  македонски со сигурност може да придонесе за развој на туризмот во Македонија. Само тоа треба надлежните македонски локални и државни институции да сакаат да инвестираат во напредокот на Македонија.

Благородна  ја продолжува  својата благородна мисија за промоција на македонското … Нè испраќа  повторно со лажица мед. Од благиот мед на Благородна кој ја облагородува душата и го тера срцето уште повеќе да ја сака Македонија.

Текст и фото: ДИМ ДОН