Честитка од Груевски до Барозо по повод Денот на Европа

По повод Денот на Европа , претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, упати честитка до претседателот на Европската Комисија, Жозе Мануел Барозо, во која стои:

„Почитуван господин Барозо,

Дозволете ми во оваа пригода да Ви го честитам Денот на Европа – 9 Мај, денот кога се одбележува европското обединување чија цел е мир и благосостојба на граѓаните во Европа.

На овој значаен ден се потсетуваме на европските вредности кои се темелат на обединувањето и взаемното почитување на различностите и солидарноста како мотив во меѓусебните односи. Сакам да истакнам дека Република Македонија со нетрпение очекува да биде дел од европското семејство и да придонесе за развојот на оваа голема идеја.

Ја користам оваа пригода да потенцирам дека Република Македонија ја цени Вашата досегашна поддршка на патот кон целосно интегрирање во европските и евро-атланските процеси. Особено го ценам Вашиот интерес за следење на развојот на мојата земја и сугестиите за побрз напредок. Се надевам дека постигнатиот напредок и резултатите во имплементацијата на реформите ќе бидат главните аргументи кои ќе овозможат во јуни оваа година да се донесе одлука за отпочнување преговори за членство во Европската унија.

Ве молам, господине Барозо, да ги примите изразите на моето високо почитување.“