Трета светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог

Со официјалните обраќања на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, министерката за култура и претседател на Меѓународниот комитет за организирање на Третата светска конференција, Елизабета Канческа-Милевска, и Валентина Божиновска, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, во хотелот „Холидеј ин“ започна дводневната, трета по ред Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

Организацијата на оваа значајна светска конференција во Република Македонија, чија тема годинава е „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“, претставува еден вид продолжување на хуманата визија на покојниот претседател на Република Македонија, г. Борис Трајковски, кој на негова иницијатива, а со помош на УНЕСКО, го реализира првиот Регионален самит на шефови на држави од југоисточна Европа  „Дијалог меѓу цивилизациите“ во 2003 година, во Охрид.

Како и претходните конференции, Третата светска конференција се реализира во рамките на Глобалната агенда на ООН и УНЕСКО за дијалог меѓу цивилизациите и финансиски е поддржана од Владата на Република Македонија и од УНЕСКО. 

Конференцијата, во рамките на програмата, преку одржување три пленарни сесии, пред светската јавност ќе ги отвори темите: „Плуралистичките општества и религиската толеранција”, „Да се живее заедно со почит кон различностите“ и „Придонесот на медиумите за меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог“. 

Низ дискусија ќе се афирмираат улогата и важноста на слободата и на достоинството како универзални човекови права и основни вредности, ќе се дискутира за улогата на религиската толеранција во плуралистичките општества и ќе се нагласи дека културната и религиската различност треба да се сметаат како богатство и предност бидејќи различните културни и религиски традиции имаат голем креативен потенцијал и претставуваат средства за заемно разбирање и почитување. 

Со реализацијата на Третата светска конференција ќе се одбележат три значајни јубилеи на значајни настани: 313 година – 1700 години од добивањето слобода на христијанството, 70 години од холокаустот на Евреите и 10 години од Самитот „Дијалог меѓу цивилизациите“ на шефови на држави од југоисточна Европа во рамките на УНЕСКО и Охридската порака за мир.

Исто така, во рамките на Конференцијата ќе се разгледа прашањето за зацврстување и натамошно поттикнување на дијалогот, а ќе се дискутира и за придонесот на медиумите во промовирањето на меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог. Во рамките на Конференцијата ќе се одржи и Форум за млади на тема „Улогата на религиите во градењето на толерантна младина“, на кој ќе учествуваат претставници од трите генерации на Школата за млади лидери која се организира под покровителство на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов. Како специјални гости се поканети претставници од светски младински организации, кои, меѓу другото, во своите активности посветуваат внимание на меѓурелегискиот дијалог, односно на прашањата од областа на религијата, културата и духовните вредности.

На Конференцијата е потврдено присуството на 90 странски учесници од 31 земја од сите континенти и околу 150 домашни учесници. Конференцијата наиде на голем одзив кај поканетите истакнати религиски лидери, интелектуалци и политичари кои се занимаваат со меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог.