Партнерски состанок на Црвениот крст: Неопходна општествена одговорност на бизнисот

Воспоставување одржливи партнерства меѓу Црвениот крст и  деловните субјекти, институциите и дипломатските претставништва во Република Македонија, како и обезбедување проектна поддршка за општествено социјални програми за подобрување на квалитетот на животот на ранливите категории во заедниците, има за цел четвртиот Партнерски состанок што во организација на Црвениот крст на Република Македонија се одржа денеска во Скопје.

„Создавањето силен бизнис и градење подобар свет не се спротивставени цели, туку основни состојки за долгорочен успех. Тоа значи дека веќе бизнисот не можете да го гледате само од призмата на парите, туку и од аспект на одговорноста. Тој треба да биде за општо добро, а не поради приватната алчност“, истакна на отворањето на состанокот министерот за економија Ваљон Сарачини, цитирајќи го извршниот директор на „Форд Мотор“, Вилијам Форд Јуниор.

Да се созададе одржлив развој на компанијата, додаде Сарачини, значи да се изгради компанија добра за нејзините акционери, но и за конзументите, вработените, за деловните партнери, заедниците во кои живееме и работиме, планетата чии жители сме…

Тој истакна дека општествена одгворност не можат да практикуваат само големите компании, туку и малите и средни претпријатија. На мое задоволство, рече, дури и во Македонија општествено одговорни практики се почесто иницираат и малите и средни претпријатија, затоа што сите се свесни дека со вложувањето во вакви практики вложуваат во својата конкурентност, најмногу поради тоа што тие станаа предуслов за работа и извоз на странски пазари, особено на пазарот на ЕУ.

Генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија Саит Саити истакна дека општествено одговорните практики на компаниите, на невладините организации, но и на институциите, како и нивната соработка со Црвениот крст, придонело за реализација на многу проекти во интерес на подобрување на животните стандарди.

„Ваквата соработка придонесе да се реализираат голем број проекти со поддршка и на владините институции и бизнис секторот со кои беа опфатени голем број ранливи целни групи население. Со реализацијата на овие проекти Црвениот крст придонесе во поттикнување на општествената одговорност на компаниите за вложување во подобрување на животот во заедницата“, рече Саити.

Дополнителна вредност, рече, е што имплементацијата на вакви проекти со активно учество на компаниите се јакне свеста кај вработените и нивните семејства за потребата од вложување за подобрување на животот во заедницата, како потврда за нивната социјална одговорност.

Во Македонија шест години по ред се доделува Национална награда за општествено одговорни практики на македонските претпријатија. За тој период постојано се зголемувал бројот на компаниите што применуваат вакви практики, но и самиот нивен квалитет. Годинава имало 66 пријавени проекти на 43 учесници, од кои над една третина од компаните годинава се пријавиле за прв пат.