Повторно доминација на охридските стрелци

Два нови државни рекорди, еден личен рекорд и две втори места за стрелците од стрелачкиот клуб „Охрид“ од Охрид на Државното првенство во меѓународна програма што се одржа на стрелиштето Бејбунар во Охрид.

После речиси една година Охрид беше домаќин на натпревар од ваков ранг, иако е единствено стрелиште во Македонија кое ги исполнува сите стандарди за одржување на натпревари во рамките на Македонската спортска стрелачка федерација. Првенството за отворено го прогласи претставникот на Советот на локалната самоуправа на Охрид г-динот Ангел Јанев, кој истакна дека стрелаштвото е репрезентативен спорт за охриѓани, спорт со извонредни резултати и дека општината ќе се залага во развојот и унапредувањето на стрелците, бидејќи тие се најдобар репрезент не само на градот туку и на државата воопшто. На присутните им се обрати и Претседателот на ОСС „Охрид“ г-динот Васко Димоски кој истакна дека му е чест и задоволство што после подолг период Охрид е домаќин на еден ваков значаен настан и дека во иднина ќе биде уште позадоволен ако и понатаму продолжат да се организираат натпревари во Охрид, а уште повеќе  се радува што овај спорт се повеќе се омасовува. 

Резултатите се следни:

Во дисциплината воздушна пушка-сениори прво место и нов Државен рекорд за старо-новиот државен рекордер во сениорска категорија-Михаил Шишкоски, со резултат од 595 кругови.

Неговиот клубски другар Горан Здравески се пласира на втората позиција со резултат од 583,8кругови. Во истата категорија Цветкоски Гоце се пласира на петтата позиција со резултат од 554,8 кругови, додека пак Милошески Константин се пласира на шестата позиција со резултат од 553,3 кругови.

Во дисциплината воздушна пушка јуниорки-Државен рекорд  и прво место повторно за старо-новиот рекордер на Македонија- Нина Балабан со 407 кругови, додека пак Верица Гоџоска се пласира на втората позиција со личен рекорд од 383,4 кругови. Ангела Алексовска заврши на шестата  позиција со резултат од  362,2 кругови.

На натпреварот единствено потфрлија јуниорите, Миленкоски Кирил заврши на  четвртата позиција со резултат од  554,9  кругови, Гоџоски Мартин на шестата позиција со резултат од  528,7 кругови, Попоски Васко на седмата позиција со резултат од  527,7 кругови и Попоски Антонио на  деветтата позиција со резултат од  498,6 кругови.