Ристовски: За полесно вработување младите треба да имаат желба, амбиција и иницијатива

Невработеноста на младите како проблем на земјите во Европа и активностите кои треба да се преземат за нејзино намалување се дел од темите на кои се разговара на денешната јавна дебата „Да се штеди или не: дали програмите за штедење се доволни за спас на Европа?“ што се одржува во организација на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Австрискиот економски центар од Виена, во рамки на проектот „2013 Free Market Road Show“.

„Невработеноста како проблем кај младите генерално е проблем не само во Македонија, туку и во Европската унија. Не ја прифаќам констатацијата дека во Македонија тешко може да се најде работно место, туку е проблем да се ангажираат дел од луѓето да прифатат да бидат работно ангажирани. Факт е дека голем број граѓани одбиваат и пребираат работни места. Јас не велам дека секој треба да прифати да биде работно ангажиран на несоодветни работни места, но очекувам многу поголема активација пред се кај младите во борбата за добивање на што подобро и поквалитетно работно место“, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој имаше обраќање на панел дискусијата посветена на начините како да се намали младинската невработеност.

Од друга страна, додаде дека државата и натаму мора да вложува напори да создаде услови да се креираат многу повеќе работни места.

„Треба да има заеднички пристап во решавањето на проблемот. Државата и приватниот сектор треба да нуда соодветни работни места, а младите да пројавуваат поголема активност“, рече Ристовски.

Тој потенцира дека Владата вложува големи напори во насока на создавање на услови за креирање на повеќе работни места во Република Македонија.

„Владата го има детектирано овој проблем и токму поради тоа во Националната стратегија за вработеување на Република Македонија 2015 година, една од приоритетните цели е намалување на стапката на невработеност кај младата популација“, изјави Ристовски.

Додаде дека во државата се спроведуваат различни активности кои имаат за цел спречување на негативниот тренд во однос на вработувањето на младите лица.

„Првиот Акциски план за вработување на младите во Македонија треба да ја подобри ефикасноста на институциите на пазарот на трудот, да ги подобри можностите за вработување на младите, да ја поттикне вработеноста на младите преку развој на приватниот сектор, како и да обезбеди инклузија на младите на пазарот на трудот. Имплементацијата на овој Акциски план е во тек и засега ги дава очекуваните резултати“, рече Ристовски.

Тој информира и дека денеска се објавува вториот јавен оглас за Програмата за самовработување со која ќе бидат опфатени 400 евидентирани невработени лица кои имаат желба да започнат сопствен бизнис. Во рамките на оваа Програма се предвидува поддршка од околу 3.300 евра за секое лице за реализација на нивната бизнис идеја. За оваа намена извоени се вкупно 1,32 милиони евра. 

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски се согласува со ставот оти на голем дел од невработените, меѓу кои и младите им недостига амбиција и самоиницијативност.

„Многу млади луѓе се многу крути во своето барање. Бараат место во својот образовен профил иако за тоа немаат соодветно работно искуство кое би го покажале кај работодавачите“, рече Поповски.

Според податоците на АВРМ околу 16 проценти од вкупниот број невработени се со високо образование.

„Од нив најголем дел се од општетсвените науки и иако има соодветна побарувачка за вработување бројот на лица кои завршуваат општествени науки е голем и затоа пазарот не може да ги задоволи младите луѓе. Затоа препорачуваме секогаш да не гледаат она што го завршиле, туку да почнеме од таму како има слободни работни места, а потоа да бараат работа согласно своето образование“, рече Поповски.

Од вкупниот број невработени околу 22 проценти се со средно образование, од кои 30 проценти се млади лица.