Владата ќе стипендира докторанти по општествени и технички науки кои ќе се запишат на реномирани универзитети

Владата на Република Македонија е силно фокусирана на обезбедување на можности за младите луѓе за надградување на своето образование на врвни светски универзитети, и тие можности се обезбедуваат преку финансирање на целокупниот трошок за уписнина, школарина, престој, исхрана и останати потреби за сите лица кои ќе успеат да се запишат на најреномираните и најдобро рангирани светски универзитети, или пак модели на кофинансирање на потребите преку стипендии.

Владата, преку Министерството за образование и наука вчера распиша конкурс за стипендирање на докторски студии(студии од трет циклус) за секое лице кое ќе се запише на еден од најдобро рангираните сто светски универзитети од областа на општествените науки, односно на еден од двестете најдобро рангирани универзитети во светот од областа на техничките науки.  

Стипендијата ќе биде полна, односно ќе ги покрива сите трошоци на студентот за упис, школарина, престој, исхрана и останати трошоци во врска со студиите.

Конкурсот ќе биде отворен, и ќе трае до крајот на годината, што дава добра основа и отворена можност за секое лице кое ќе запише докторски студии на еден од најдобро рангираните универзитети во светот, да ја добие стипендијата. Во случај на упис, кандидатот го известува Министерството за образование и наука, кое е должно во рок не подолг од 10 дена да му одговори и потврди дека ја добило стипендијата. Со ова се надминува предизвикот кој беше детектиран, базиран на фактот дека различни универзитети во различно време распишуваат докторски студии. Сега опцијата е отворена до крајот на годината и во интерес на кандидатите.

Условите за добивање на стипендијата се следни:

– кандидатот да е запишан на еден од првите сто рангирани универзитети во светот од областа на општествените, односно на еден од првите двесте универзитети во светот од областа на техничките науки;

-да има завршено втор циклус универзитетски академски студии со просечен успех од најмалку 8,5;

-да има објавени најмалку три научно-истражувачки труда во последните три години, во меѓународни научни списанија или научни публикации од научната област на која се однесуваат докторските студии;

-да има уверение-потврда за активно познавање на странски јазик (ТОЕФЛ, ИЕЛТС, ДЕЛФТ или нивен еквивалент за соодветното јазично подрачје), освен за кандидатите кои своето претходно академско образование го завршиле на јазикот на кој се изведува наставата;

– има работно искуство од најмалку 2 (две) години во научно – истражувачка или високообразовна установа, стопанството или нестопанството на работни задачи поврзани со научната област;

-да има барем 2 препораки од универзитетски професори, или работодавач (доколку е во работен однос);

-да не е корисник на стипендија од друг/и давател/и;

-да не биде постар од 35 години

Нема никакво ограничување на стипендиите ниту во поглед на бројот на стипендии кои ќе бидат доделени, ниту пак во поглед на висината на стипендијата по однос на единка на која ќе биде доделена стипендијата. Секој кој ќе ги исполни условите ќе се стекне со стипендија.

Кандидатот кој со помош на оваа стипендија ќе заврши докторски студии се обврзува дека по завршувањето на студиите да се врати во Република Македонија, и за секоја помината година на студии во странство ќе работи две години на високообразовните или научно-истражувачките установи во Република Македонија односно во јавниот или приватниот сектор при што неговата работна позиција ќе биде соодветна на видот и степенот на неговите стекнати научни квалификации. Во случај да не го направи тоа, потребно е да ги врати сите исплатени средства, доделени за стипендијата, во износ десет пати поголем од износот на стипендијата, најдоцна во рок од една година од завршувањето на студиите.

Во рамките на оваа информација, потсетуваме дека е во тек оглас за добивање на стипендија за покривање на комплетните трошоци за уписнина, школарина, престој и исхрана, за кандидати кои се запишале на додипломски и магистерски студии на еден од првите сто рангирани универзитети во светот од областа на општествените, односно на еден од првите двесте универзитети во светот од областа на техничките науки, кој трае до 31 август 2013 година, и повикуваме младите луѓе да се мотивираат и да ја искористат и оваа можност.

Владата, преку Министерството за образование и наука одлучи да стипендира 15 лица кои ќе се запишат на магистерските студии по бизнис администрација на Универзитетот Свети Климент Охридки-Економски факултет во Прилеп, а кои студии се организирани и се реализираат од страна на Франклин универзитетот од Охајо, САД според американска студиска програма и правила на студирање што важат во САД.

Кандидатите треба да аплицираат за да се запишат на овие студии на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во рок кој трае до 1 јули 2013 година. Стручна комисија од претставници од Универзитетот и претставници од Министерството за образование и наука ќе ги изберат најдобро пласираните петнаесет лица кои ќе добијат стипендии. Пет лица ќе добијат полна стипендија од 5000 евра, а 10 лица ќе добијат стипендија со која се кофинансира 50% од школарината, во износ од 2500 евра.

Наставата на студиите ќе се реализира на англиски јазик, од страна на реномирани професори од Америка, во просториите на Економски факултет – Прилеп. По завршувањето на студиите кандидатите добиваат американска диплома (Master of Business Administration) од Франклин универзитетот. Во рамките на студиите постои можност за посета, престој или реализација на дел од студиската програма на Франклин универзитетот во Колумбос, Охајо, САД.

Во соработка со претседателот на Република Македонија г-дин Иванов, Фондацијата Борис Трајковски и Шефилд универзитетот од Велика Британија, Владата одлучи, и за следната студиска 2013/2014 година да финансира 50% од стипендијата, за 20 кандидати, за студиите на Шефилд универзитетот од Велика Британија кои се организираат на Сити Колеџот во Солун кој е факултет од Шефилд универзитетот. Овие студии се реализираат како вонредни последипломски студии, во текот на еден викенд месечно, во траење од две години. Стипендијата ја опфаќа само школарината, а трошоците за пат и престој се на товар на кандидатот.

Дваесет студенти од Република Македонија кои ќе се запишат на магистерски студии по бизнис администрација на оваа студиска група ќе немаат никаков трошок за школарината, бидејќи Владата ќе покрива 50% од неа во висина од 7445 евра по студент, а останатите 50% ги покрива самиот Шефилд универзитет. Селектирањето на кандидатите ќе биде спроведено заеднички од страна на Претседателот, Министерството, Фондацијата Борис Трајковски и Сити Колеџот, преку заедничка комисија, во согласност со критериумите на универзитетот Шефилд и законските прописи на Република Македонија. На предлог на комисијата, министерот за образование и наука ќе донесе Решение за избор.

Кандидатите за добивање на стипендијата може да аплицираат до Министерството за образование и наука или до Сити Колеџот најдоцна до 15 септември 2013 година. Кандидатите треба да имаат универзитетска диплома (просечна оценка повисока од 8), одлично познавање на англискиот јазик (TOEFL сертификат со резултат 575 или IELTS со резултат 6,5 или нивен еквивалент), на денот на пријавувањето треба да се постари од 24 години, а потребно е да достават и потврда за работно искуство од најмалку 3 години.  

Апелираме младите луѓе да ги искористат овие три отворени можности. Тоа се добри основи за стекнување на квалитетно образование по најсовремени стандарди. На тој начин ќе се здобијат со високи знаења и вештини, кои ќе им користат во нивниот понатамошен професионален ангажман, од што корист покрај тие и нивните семејства ќе има и Република Македонија.

Владата и во иднина ќе продолжи со реализација ан проекти за поттикнување на ангажманот на младите луѓе и обезбедувањето на средства за дооформување на нивното образование на реномирани универзитети од светот.