Кривична пријава против охриѓанец за напад врз службено лице

Секторот за внатрешни работи Охрид, против А.В.(32) од Охрид поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.

Пријавениот, на 18-ти овој месец, во болничка соба во болницата „Св.Еразмо“ упатил навредливи и заканителни зборови кон неколку полициски службеници по што се обидел да избега од собата кон ходникот. Во тој обид за бегство и скокање преку оградата од скалите тој бил спречен од тројца полициски службеници и бил доведен во друга болничка соба. Тука пријавениот А.В. превртел дел од инвентарот по што со рака удрил еден инспектор во пределот на градите кинејќи му притоа дел од облеката. 

Пријавениот во еден момент побарал вода по што му била дадена чаша со вода но тој ја скршил и замавнал кон полициските службеници. Со навремена нивна реакција, бил спречен обидот на А.В. да повреди  полицаец. 

Настанот се случил непосредно откако во болничката соба каде лежел пријавениот А.В. е пронајден еден килограм опојна дрога Марихуана по што му беше соопштено дека е лишен од слобода.

Инаку, А.В. е лице познат на службата против кого досега биле поднесувани кривични пријави за сторени повеќе казнени дела за што бил и затворски осудуван.