Николоски во Естонија учествува во работата на седница на Мониторинг комисијата

Во рамки на седницата на Мониторинг комисијата на ПС на Совет на Европа (ПССЕ) се разгледува нацрт-резолуцијата и нацрт-препораката за постмониторинг дијалогот со Република Македонија за исполнување на обврските преземени при приемот во Советот на Европа. Известител за Македонија е британскиот пратеник, г. Роберт Волтер. Мониторинг комисијата преставува најбитна комисија во рамки на ПССЕ и по усвојувањето на документот на седница на Комисијата, тој ќе се најде на пленарна седница во текот на летната сесија на ПС на СЕ, во јуни 2013 година, што е вообичаена постапка за земјите кои се наоѓаат во постмониторинг дијалог. 

Извештајот покрива прашања кои се однесуваат на процесот на евроинтеграции на Република Македонија, борбата против корупцијата, пост-изборните настани, функционирањето на Парламентот, Охридскиот рамковен договор, реформата на судството, човековите права, малцинските, јазичните и културните права, борбата против трговијата со луѓе, прашањето на лажните баратели на азил, резултати и проценка на парламентарните избори одржани на 5 јули 2011 година, како и на локалните избори од 2013 година. 

Шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Александар Николоски, во својство на член на Мониторинг комисијата, учествува во работата на седница на Мониторинг комисијата која, на 23 и 24 мај, се одржува во Талин, Естонија. 

Особено е важен делот кој се однесува на интеграциите во НАТО и во ЕУ.  ПССЕ дава јасен став дека иднината на Македонија е во НАТО и во ЕУ и презентира досега најјасен став околу ова прашање, како и блокадата на интеграциите од страна на Грција. Имено во резолуцујата во точката два се вели: „ПССЕ жали што прашањето за името продолжува да го одложува отворањето на преговори за членство со ЕУ, иако за тоа има препораки секоја година од 2009 досега од страна на Европската комисија, како и обидот на Македонија за членство во НАТО, притоа без да се почитува од страна на Грција одлуката на Меѓународниот суд на правдата (ИЦЈ) од 5 декември 2011 година. ПССЕ се надева дека Грција ќе примени и прифати пофлексибилен приод кон решавање на ова прашање. ПССЕ ја поканува Македонија да го продолжи дијалогот под покровителство на Обединетите нации за решавање на прашањето на името, како и да развива конструктивни односи со соседите, со тоа придонесувајќи за целокупната стабилност на регионот.”  

Според шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Александар Николоски ова преставува досега најсилна и најјасна порака до Грција дека треба да престане дa го користи прашањето за името за блокирање на волјата на македонскиот народ за членство во НАТО и во ЕУ, како и јасно повикување на одлуката на Меѓународниот суд на правдата која Грција, за жал, не ја почитува. Според него, исто така, е вонредно значајно што во текот на целиот текст на нацрт-резолуцијата и нацрт- препораката за постмониторинг дијалогот со Република Македонија се користи терминот – Македонија и придавката македонски, како јасен став на известителот, г. Роберт Влатер, како и на ПС на Совет на Европа.