Утре во Тирана започнува имплементацијата на Дримскиот Проект поддржан од Глобалниот Еколошки фонд

Утре во Тирана Албанија отпочнува имплементацијата на Дримскиот Проект поддржан од Глобалниот Еколошки фонд со 4,5 милиони долари за три од петте држави кои го делат Басенот меѓу кои Република Македонија. После долгиот процес, активности и лобирање, проектот го доживува својот официјален почеток . Главната цел ќе биде да се воспостави заеднички менаџмент на споделените ресурси во прекуграничниот Дримски Басен.

„Стигнавме до моментот на отпочнување на овој проект со поддршка на ГЕФ. Во блиска иднина ќе дознаеме всушност колку е важен овој момент за заштитата на  целиот басен и за Охридското Езеро посебно. Целите се воспоставување на заеднички мониторинг, заеднички Акционен План и институција, голем број пилот проекти и нормално план за управување со сливот и езерата во него. Ова се премногу важни цели околу менаџирањето со водните ресурси и за координацијата на еколошките и енергетските потреби во басенот  и затоа нема простор за никакви импровизации,“ – вели Дејан Пановски, еден од иницијаторите на проектот и член на Дримската Кор група.

На Почетниот состанок од македонска страна  ќе присуствува Заменик Минстерот во МЖСПП м-р Стево Темелковски, делегација од Министерството и Дејан Пановски од Одделението за управување со сливното подрачје на реката Црн Дрим при МЖСПП како член на Дримската Кор група. Покрај Почетниот состанок на проектот за Дримскиот басен на ГЕФ во Тирана ќе бидат одржани и Првиот состанок на Страните во Дримскиот басен како и 8-миот сотанок на Дримската Кор група на кои ќе се донесат заклучоци за идните чекори за имплементација на Меморандумот за Заедничка визија во Дримскиот Басен како и за активностите во подготвителната фаза на ГЕФ проектот.