Коњановски: Проектот „100 мали винарии“ одлична шанса за тиквешкиот регион

Само во првите три месеци од годинава е исполнета квотата за извоз на наливно вино во земјите од ЕУ. Заклучно со 4-ти февруари целосно е искористена договорената бесцаринска квота од 31.400.000 литри. Овие бројки говорат за подемот во секторот земјоделство кој е особено значаен за Тиквеш како најголем лозарски регион во Македонија.

Ова го истакна заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски на трибина во Неготино.

Лани, рече, е реализиран рекорден извоз, 1,15 милиони хектолитри, што е десеткратно зголемување. Досега 2011 година која се сметаше за најдобра во последната деценија со пласирани 968.000 хектолитри.

Последниве неколку години е регистриран и зголемен извоз на флаширано вино, а просечната цена за литар порасна, од 34 на 44 евроценти.

Како што истакна Коњановски, економијата, вклучувајќи го и земјоделството, е приоритет за оваа Влада. Во таа насока се прават низа, интензивини реформи, се намалуваат даноците, се отстрануваат административните пречки со цел подобри услови за водење бизнис, но и се обезбедува значителна поддршка за производителите.

„Сите надлежни светски институции кои ја ценат бизнис климата во една земја го препознаа тоа. Скромните субвенции од пред неколку години ги зголемивме многу повеќе. Тие пермананентно растат и денес изнесуваат 135 милиони евра што е директна поддршка за земјоделците, но и индиректна за преработувачите“, посочи Коњановски.

Осврнувајќи се на проектот „100 мали винарии“ што ќе се спроведува  со поддршка на  општините, Коњановски нагласи дека целта е развивање на винскиот сектор и на туризмот. Проектот е огромна шанса за регионот.

„Тоа е нешата компаративна предност. Развој на вински и рурален туризам. Владата обезбедува локации, општините изготвуваат урбанистички планови. Зацртани  се 28 локации кои ги определивме со општината Неготино за мини винарии. Пет од нив се веќе продадени. Остануваат уште 23. Ги охрабрувам оние кои се бизнисмени да вложат и да искористат дел од  европските  пари преку  ИПАРД. Поголемите визби со грант од оваа програма имаат можност за реконструкција“, рече Коњановски.  

Во Неготино, освен локациите за изградба на винарии, беа промовирани и другите расположливи стопански објекти за откуп, складирање, преработка и дистрибуција на земјоделски производи. Локациите во Неготино, Курија и Црвени Брегови ги презентираше Снежана Цвтекова, раководител на одделението за урбанизам и животна средина во општината.  

Според градоначалникот на Неготино Ванчо Апостолов, општината континуирано прави напори за промоција на својата одлична местоположба, како и на фактот дека тука е доминантно земјоделството, особено лозарството.

„Во овој дел од Македонија има неколку успешни винарии. Нивните позтивни искуства ќе бидат стимул за останатите“, рече Апостолов, потенцирајќи дека приоритет во стратегијата за развој на локалната самоуправа има привлекувањето странски инвеститори.

На средбата на која присуствуваа сопственици на винарски визби, стручни лица, лозари, заинтересирани граѓани, беа претставени и измените на ИПАРД програмата во делот на винарство, како и можностите за инвестиции во руралниот туризам.