Со „Калашников“ испукал повеќе куршуми во угостителски објект во Охрид

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Предизвикување општа опасност“ секторот за внатрешни работи Охрид против Б.П.(33) од Охрид поднесе кривична пријава. Во пријавата е опфатено и лицето Т.Н.(42) од Охрид за сторено казнено дело „Помагање“.

Синоќа околу 23 часот и 50 минути, пријавениот Б.П. со автоматска пушка „Калашников“ испукал повеќе куршуми во угостителскиот објект кабаре „Беко“ во Охрид. Двајцата пријавени, во кабарето пристигнале синоќа околу 22 часот и 30 минути и побарале да бидат послужени со алкохолен пијалок. По кратко време, пријавениот Б.П. со пивско шише почнал да тропа по масата заради што од вработениот бил замолен да го напушти локалот.

Револтиран од таа постапка, пријавените со патничко моторно возило се упатиле во домот на Б.П. од каде тој земал една автоматска пушка и еден пиштол што ги поседувал без одобрение. Двајцата повторно се вратиле во кабарето „Беко“ каде Б.П. со нога ја отворил влезната врата и откако ја репетирал автоматската пушка веднаш испукал повеќе куршуми.

По брза интервенција на полициските службеници пријавените се приведени во СВР Охрид. На лице место одземени се автоматската пушка и пиштолот како и повеќе куршуми.

При извршен преглед во патничкото моторно возило „Форд мондео“ кое претходно било управувано од Б.П. пронајдени се уште 68 куршуми за автоматска пушка калибар 7,62 милиметри. Одземените предмети се предадени на вештачење во министерството за внатрешни работи во Скопје.