Поплави ширум Европа, најмалку 5 жртви

Најмалку пет лица го изгубија животот, а повеќе се водат за исчезнати во поплавите кои ги зафатија Чешка, Германија, Австрија и Швајцарија.

Една жена го загубила животот кога се излеала реката Влтава во Чешка, поплавувајќи неколку села и градови. Уште две лица се водат како исчезнати откако нивниот сплав се превртел.

Во австрискиот град Салцбург еден маж е пронајден мртов откако претходно исчезнал поставувајќи брана, а уште две лица се водат за исчезнати.

Најмалку четири лица се водат за исчезнати во поплавите во Германија и Швајцарија.

Во германските градови Пасау и Розенхајм прогласена е вонредна состојба.

Чешкиот премиер Петр Нечас свика специјална седница на Владата како би ги координирале акциите за одбрана од поплавите.

Баварската служба за предупредување од поплави соопшти дека во наредните денови прогнозирани се врнежи од дожд кои ќе ја влошат состојбата на Дунав и Ин. Баварскиот премиер Хорст Зихофер разговарал со канцеларката Ангела Меркел и свикан е итен состанок.