У-21 квалификациите за ЕП 2015 ги отворивме со реми против Азербејџан

Репрезентацијата на Македонија до 21.година освои бод на гостувањето во Баку против Азербејџан на стартот од квалификациите за Европското првенство во Чешка 2015 година.  Младата селекција на Македонија одигра без голови 0:0 со Азербејџан. Репрезентацијата предводена од Бобан Бабунски беше многу подобар противник иако во 65.минута останавме со фудбалер помалку по исклучувањето на Стојан Стојчевски. Најубавата шанса за победнички гол во Баку, Македонија ја пропушти преку Драгарски во последните минути од натпреварот. Селекторот на нашите млади фудбалери Бобан Бабунски смета дека клучен момент од пресметката е престрого досудениот црвен картон на Стојчевски, нашиот селектор е задоволен од односот и залагањето на фудбалерите.

„Во Баку имавме цел да победиме и да ги отвориме квалификациите со три бода, но бугарските судии не спречија во намерата. Клучен момент е престрогото исклучување на Стојчевски. Резултатот е реален ако се има в предвид дека речиси 30 минути игравме со фудбалер помалку, а, исто така се соочивме со отсуство на неколку важни фудбалери од различни причини и имавме само неколку заеднички тренинзи во комплетен состав пред натпреварот во Баку. Задоволен сум од начинот на кои играчите се однесуваа на теренот, одиграа максимално во намерата да освоиме три бода и покрај тоа што е крај на натпреварувачката сезона и заморот се чувствува. За сите нас, многу значеше присуството на Стефан Ристовски и Александар Трајковски, играчи кои имаат статус на „А“ репрезентативци, а исто така многу важни фудбалери за нашата генерација. Се надевам дека својот придонес ќе го даваат и на следните натпревари на младата репрезентација. Отворивме без голови на гостински терен и гледаме позитивно“, изјави селекторот на репрезентацијата Бобан Бабунски.

Македонија против Азербејџан играше во состав: Димитриевски, Алиловски, Драгарски, Стојчевски, Ашковски, Жута (Цикарски), Мицевски, Блажевски, Ристовски, Трајковски (Симоновски), Тимов (Асани). Во групата 8 со Македонија и Азербејџан во квалификациите за ЕП 2015 играат и селекциите на Израел, Португалија и Норвешка.