Сите земји-членки на САД-Јадранската повелба даваат долгорочен придонес во меѓународни операции и во регионалната безбедност. Нашиот заеднички успех и унапредувањето на регионалната соработка е пристап на двојна добивка за мирот и стабилноста во регионот и пошироко. Тоа го истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери, на денешното отворање на Конференцијата на министрите за одбрана на земјите-членки на САД-Јадранската повелба која се одржува во Охрид, Република Македонија.
Во контекст на промоцијата на демократските вредности, со заедничкото и здружено присуство во Авганистан, посочи министерот Џафери, ние придонесуваме кон безбедноста и мирот и на глобално ниво, со што се потврдува и целта на партнерството во рамките на САД-Јадрнаската повелба од 2003 година, за регионално зајакнување на билатералната, регионалната и мултилатералната соработка и здружениот придонес во евроатлантската безбедност.
На конференцијата на која присуствуваат министри и високи претставници од министерствата за одбрана на земјите-членки на САД-Јадранската повелба, земји-набљудувачи и земји-гости, претставници на САД и НАТО, одбранбени аташеа, дипломати, НАТО-советодавниот тим во Република Македонија, како и претставници на останати релевантни институции, ќе стане збор за билатералната соработка, за здружениот придонес во Авганистан по 2014 година, како и за конкретни проекти во духот на концептот „паметна одбрана“, во насока на натамошно унапредување на регионалната соработка.
„Уверен сум дека работејќи заедно, ние сме се поблиску до остварување нашата заедничка цел – целосна евроатлантска интеграција на регионот и заеднички придонес кон глобалниот мир и безбедност“, рече министерот Џафери на самиот крај на поздравното обраќање.
Конференцијата претставува континуитет на процесот воспоставен помеѓу земјите, со цел промоција на регионалниот дијалог, зајакнување на регионалната соработка, како и јакнењето на националните капацитети.