Владата на Република Македонија е стратешки насочена кон реализација на реформи, мерки и активности чија цел е зголемување на вработеноста. Значаен дел од тие активности се содржани во Оперативниот план за активни мерки за вработување кој Владата го усвојува и го реализира секоја година.
Во оваа насока, Владата ја задолжи Агенцијата за вработување на Република Македонија да го објави огласот, односно јавниот повик за реализација на мерката самовработување со кредитирање која е дел од годинешниот Оперативен план. Суштината на оваа мерка се состои во финансирање преку поволни кредитни инструменти на отворање на бизнис и вработување на лицата кои се евидентирани како невработени лица во Агенцијата за вработување.
На овој повик ќе може да аплицираат невработените лица кои се поделени во две групи и тоа:
– невработени лица кои се водат во евиденцијата на Агенцијата за вработување најмалку 1 година и
– невработени лица кои се водат во евиденцијата на Агенцијата за вработување најмалку 6 месеци, а се:
А) млади лица до 27 години;
Б) возрасни лица над 55 години и
В) лица кои се водат во евиденцијата на Агенцијата и примаат паричен надоместок по основ на невработеност.
На овој повик ќе може да се аплицира за финансирање преку поволни кредитни инструменти за отворање на бизнис и вработувања во две насоки:
А) за дејности од помал обем, секое ново отворено работно место во рамките на ново отворен бизнис се финансира со по 3000 евра, при што се финансираат најмногу до 3 ново отворени работни места, или најмногу 9000 евра. Рокот за поврат на повлечените средства изнесува 3 години, со грејс период од 1 година, и со каматна стапка од само 1% годишно.
Б) за дејности од поголем обем, основниот кредитобарател за отворање на бизнис се финансира со 5000 евра, а за секое ново отворено работно место во ново отворениот бизнис се финансира со по 3000 евра поединечно, при што се финансираат проекти со најмногу 5 ново отворени работни места, или во вкупен обем може да се повлечат најмногу 17000 евра. Рокот за поврат на повлечените средства изнесува 5 години, со грејс период од 1 година, и со каматна стапка од само 1% годишно.
Доколку некое од лицата, кои аплицираат за средствата и се вработуваат во ново отворените работни места, спаѓа во категоријата на невработени лица по основ на технолошки вишок, стечај или ликвидација, при што имаат користено паричен надоместок по основ на невработеност од најмалку 6 месеци и се невработени 3 години, тогаш тие може да добијат и дополнителни стимулативни средства во висина од 1000 евра по вработен. Така, доколку се здружат три лица од оваа категорија за основање на бизнис од помал обем, покрај основните 9000 евра може да повлечат и дополнителни 3000 евра по овој основ, односно вкупно да повлечат 12000 евра. Доколку пак се здружат пет лица од оваа категорија за основање на бизнис од поголем обем, покрај основните 17000 евра може да повлечат и дополнителни 5000 евра по овој основ, односно вкупно да повлечат 22000 евра.
Рокот за аплицирање за овие средства, за лицата кои ги исполнуваат условите, ќе биде 10 работни дена од денот на објавувањето. Апликантите ќе треба да пополнат едноставен образец со опис на нивниот бизнис план и пријава и да ги достават до Агенцијата за вработување. Потоа, по поднесувањето и завршетокот на рокот, во рок од околу 45 денови Агенцијата за вработување во соработка со Агенцијата за претприемништво ќе ги разгледа сите поднесоци и ќе направи рангирање, при што со најдобро рангираните апликанти ќе се потпишат договори. Договорите ќе бидат испратени до Македонската банка за поддршка на развојот која во соработка со комерцијалните банки ќе им ги одобри средствата на апликантите кои се стекнале со оваа можност и потпишале договори. Апликантите до моментот на одобрување на средствата нема да имаат никакви трошоци, а по известувањето за одобрување, тие ќе треба до банките да поднесат доказ дека основале фирма, независно дали тоа е трговец-поединец, земјоделска задруга или трговско друштво, како и пријавите кои служат како доказ дека се вработиле во основаната фирма, и тогаш средствата ќе им бидат префрлени за користење.
Владата апелира сите заинтересирани лица да ја искористат оваа исклучително поволна можност и да се охрабрат за аплицирање за да отворат бизнис и да се вработат. Не треба да постојат стереотипи или демотивација за аплицирање, бидејќи искуствата од минатите години покажуваат дека дури над 90% од фирмите кои се основале како резултат на финансирањето со оваа мерка продолжуваат да функционираат, и над 90% од лицата кои се вработиле како резултат на финансирањето на оваа мерка продолжиле да бидат вработени, што секако е еден добар показател за успешноста и е добар аргумент за мотивирање за поголем одѕив на граѓаните. Особено поволно овие средства може да се искористат за формализирање на неформален бизнис, за индивидуален услужен бизнис, за основање на младински бизниси или пак за финансирање на основање на земјоделски задруги и индивидуални земјоделски производители.
Владата и во идниот период ќе продолжи со реализација на мерки и активности за поттикнување на вработувањето.